Она што како новина го предвидува „Преку езерото“ во интерес на македонската филмска продукција е конкурс за дипломски филм што ќе биде распишан во соработка со телевизијата Алфа, „Синемон медија фактори“, „Револушн“ и со здружението за поддршка и развој на аудиовизуелните уметности „Артизија“. Станува збор за „Конкурс за краткометражен игран или краткометражен документарен/експериментален филм“ за автори од Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Еуропа прима“ од Скопје на катедрите по режија и филм и телевизија, а филмот со кој ќе учествуваат треба да биде нивна дипломска работа
Трето издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“
Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ оваа година повторно ќе ги збогати летните содржини во Дојран. На 31 јули програмата традиционално почнува со филмски репертоар за деца и млади, а потоа следува официјалната програма.
Секоја година, секое ново издание најавува нова програма и нови филмски бранови.
– Оваа година почнуваме со програма што е во категоријата на таканаречени професионални сектори каде што се афирмираат, поттикнуваат и се поддржуваат развојот на филмот, кинематографијата и филмските творци. „Преку езерото“ е посветен на афирмација и развој на младите филмски автори, особено на студентите на академиите за филм, кои се најголемата и најдобра инвестиција за развојот на фестивалот и филмот во Македонија, на Балканот и Медитеранот. Младите се нашиот најсилен филмски бран – истакна директорот на фестивалот, Јани Бојаџи.
Селекторот на фестивалот, Небојша Јовановиќ, направи исклучителна сериозна и атрактивна програма на долгометражни филмови во официјалната селекција и на краткометражни филмови. Ќе можат да се погледнат филмови од 15 земји селектирано.
– Официјалната програма ќе биде составена од пет долгометражни филмови. Од кои четири се играни, фикции и еден долгометражен документарен филм. Филмовите се од три европски земји и две медитерански земји. Ќе имаме спој на медитеранската страст и лудост и на европската фокусираност и јасност во однос на тоа што сакаат луѓето во животот. И навистина се обидуваме преку филмовите да бидеме дел од целата идеја на фестивалот, кој има и таков наслов „Преку езерото“. Идејата е дека можеме сите преку уметноста и културата да ѕирнеме, да се качиме на бранот и да стигнеме преку езерото. Да видиме што има од другата страна на езерото на другиот брег. Во таа смисла ја поканувам публиката во Дојран на 31 јули со програма за деца и млади. Знаеме дека најдобрата инвестиција е во децата и младите. Ние по третпат ќе го отвориме фестивалот со програма за деца, потоа следува официјалната програма, но повторно низ концептите што се фокусирани за младите. Повторно ќе имаме работилница за студенти и годинава ја збогатуваме програмата со најсериозен чекор на фестивалите, кој се надевам следните години ќе ни овозможи да влеземе во оној индустриски дел, каде што ќе развиеме и маркет. Каде ќе можат да се сретнат европските и медитеранските филмови на последната граница на Медитеранот, која се наоѓа, за среќа, во Македонија, тоа е прекрасниот Дојран – подвлекува Бојаџи.
Како што зборува тој, нивната цел е постојано да го прошируваат и да го развиваат фестивалот сѐ повеќе и повеќе и крајната цел е да создаваат идни успешни филмски автори, не само режисери туку и сценаристи, директори на фотографија, сценографи, костимографи, актери, тонски инженери, за разни специјализирани дејности…
Како што најави претседателката на Советот на фестивалот, Мими Ѓорговска Илиевска, она што како новина го предвидува „Преку езерото“ во интерес на македонската филмска продукција е конкурс за дипломски филм што ќе биде распишан во соработка со телевизијата „Алфа“, „Синемон медија фактори“, „Револушн“ и со здружението за поддршка и развој на аудиовизуелните уметности „Артизија“. Станува збор за „Конкурс за краткометражен игран или краткометражен документарен/експериментален филм“ за автори од Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Еуропа прима“ од Скопје на катедрите по режија и филм и телевизија, а филмот со кој ќе учествуваат треба да биде нивна дипломска работа.
– Ова го правиме со цел да ги поттикнеме студентите, односно дипломците на факултетите за филмски уметности, да создаваат квалитетни производи, а и современо да се инволвирани и едуцирани во целокупниот процес на создавањето на едно филмско дело од самото аплицирање, самата изработка на синопсис, сценарио, детален опис, креирање на буџетот со единствена цел да создадеме и да помогнеме во креирањето квалитетни филмски кадри. Бидејќи за една квалитетна филмска национална продукција она што е најпотребни е создавањето квалитетни едуцирани млади филмски кадри. Сметавме дека треба да им се помогне со еден ваков конкурс од аспект на нивно доусовршување и насочување за понатамошно вмрежување и користење на сите меѓународни и европски фондови за посамостојно да можат да бидат дел од значајните европски филмски фондови, од европски копродукции, затоа што малите кинематографии, како што е македонската кинематографија, можат да бидат прикажани и видени преку соработки, копродукции со други европски држави – истакнува Мими Ѓорговска Илиевска.
Конкурсот е отворен од денеска до 15 јули, ќе можат да учествуваат само студенти режисери, сценаристи со нивна дипломска работа. Односно главен предуслов е да биде дебитантски филм. Филмовите треба да бидат во должина до 15 минути и да бидат подготвени за киноприкажување до 1 јули наредната 2025 година, а премиерно би имале македонска премиера и би биле прикажани на фестивалот „Преку езерото“.
– Најмногу три проекти ќе се финансираат. Секој би добил максимум еден милион денари. И освен финансиска поддршка, ќе добијат и техничка и организациска поддршка, продукциски услуги, монтажа, звук… Ова е значаен чекор за „Преку езерото“, покажавме дека воведуваме нови иновативни содржини, кои се многу значајни. И нашиот фокус е најмладата публика, односно студентите – подвлекува Мими Ѓорговска Илиевска.
За учество на конкурсот, потребно е да се испратат синопсис, играно сценарио, карактеризација, режисерска, продуцентска и продукциска експликација. Дополнителна предност ќе имаат проекти што по слободен избор на авторите ќе се снимаат на локации во југоисточна Македонија, или доколку режисерот живее и работи во регионот. Пријавите треба да се доставуваат на македонски јазик и исклучиво електронски на [email protected]. Избраните проекти ќе имаат завршен пичинг на фестивалот пред академска комисија, каде што до крајот на фестивалот ќе бидат избрани и доделени три гранта за три одделни филмови.
– Три проекти ќе бидат избрани, од кои на првиот му се доделуваат 100 илјади денари, на вториот 80, а на третиот 60 илјади денари. Најважно е директорот на фотографија да биде дебитант, исто и сценографот, севкупно сакаме дебитантски филм. Ќе нудиме помош како камера, објективи, филмско светло, возила, само останува да се одлучат текот на продукцијата, изборот на локацијата, изборот на актерите и да се влезе на монтажа. Освен македонска премиера, сакаме да ги аплицираме филмовите и на фестивали надвор од Македонија – сподели продуцентот на фестивалот, Дејан Милошeвски.