Под мотото „(𝐅𝐞)𝐦𝐚𝐥𝐞 𝐄𝐟𝐟𝐞𝐜𝐭: 𝐇𝐞𝐫 𝐒𝐭𝐨𝐫𝐲, 𝐇𝐞𝐫 𝐏𝐚𝐭𝐡, 𝐇𝐞𝐫 𝐏𝐨𝐰𝐞𝐫“ денес во сите градови на мрежата на „Јуроп хаус“ се одржаа настани посветени на Меѓународниот ден на жената.
Во Скопје панел-дискусијата модерирана од новинарката Ана Зафирова отвори важни теми за предизвиците со кои се соочуваат жените, кои својот професионален живот го посветиле на образованието, науката и културата.
На настанот свое учество имаа професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Маја Бојаџиевска, заменик-шефот на мисијата во амбасадата на Грција, Кристина Василатоу, ко-основачот и менаџер на платформата „Наука за деца“, Драгана Стикова и културниот продуцент и проектен менаџер во Младинскиот културен центар (МКЦ), Маргарита Арсова.
– Оваа серија настани е посветена на жените што секојдневно ги поместуваат границите – тивко, но одлучно; скромно, но трајно. Тоа се жените што ги среќаваме во толпата, оние кои со мал, но значаен гест оставаат силен впечаток. Жените што ја претвораат својата работа во уметност, мајсторките посветени на својот занает, пријателките чие присуство е ненаметливо, но нивното влијание е длабоко. Нивниот ефект може да се спореди со хемиски елемент – цврст како железо. Токму затоа, денешниот настан ја постави оваа формула: Нејзината приказна, пат и моќ, со надеж дека тоа ќе биде само почеток на ново лично откритие за секој што слушна и почувствува инспирација – велат од „Јуроп хаус“.
