Десеттото издание на фестивалот за критичка култура КРИК, во организација на „Контрапункт“, продолжува со критичкото промислување на годинашната тема „Преобразба“.
Есенското издание почна со предавањето на секогаш провокативниот и поттикнувачки германско/хрватски филозоф и теоретичар на социокултурните деликатни и актуелни случувања и теми Борис Буден. Во Националната галерија, „Чифте-амам“, Борис Буден го одржа предавањето насловено „Дупка во главата или: може ли нешто да се научи од војната?“
Согледувањата на Буден длабоко проникнуваат во сите денешни акутни културно-политички превирања во регионот и во светот, на глобално и локално рамниште, но и во самата тема на годинашниот КРИК, која ги поставува прашањата на човековата ентропија и потребата за преобразба на идејата за заедница.
„На човекот му влегол куршум низ едното уво, а низ другото му излегол надвор“, напиша во „Последните денови на човештвото“ Карл Краус, на крајот од Првата светска војна. За Краус, војната е своевиден театар на апсурдот, за Ремарк егзистенцијална трагедија, за Хашек комедија, за Крлежа екстремна форма на класно порамнување. Но она што сите тие искуства ги обединува, е неспособноста луѓето од нив да извлечат поуки, а тоа ги тера да повторуваат едни исти грешки. Токму тоа е она што Краус го именува како дупка во главата. Како денес изгледа таа дупка? Кој куршум, проектил, дрон, економски интерес, политичка волја или кој претежок збор ја создал таа дупка во главата? Тоа се дел од прашањата што беа отворени на предавањето.
Борис Буден е писател, критичар на културата и преведувач. Неговите есеи и написи се поврзани со теми од филозофијата, политиката, културната и уметничката критика. Борис Буден е постојан соработник на Европскиот институт за прогресивни културни политики во Виена. Предава теорија на културата на Факултетот за уметност и дизајн, во рамките на универзитетот „Баухаус“ во Вајмар и на Универзитетот за применети уметности во Виена. Борис Буден живее и работи во Виена.