Кон претставата „Антитело“, со која заврши триесетгодишниот јубилеј на театарскиот фестивал „Скомрахи“ во Скопје

Рецензија

Во преполнетата сала на Факултетот за драмските уметности во Скопје се случи чудесен настан. Студентите од класата на проф. Зоја Бузалковска, со својата актерска оригинална игра не престануваа да воодушевуваат. Луцидни и мултидисциплинарни во приодот во овој театарски сон, суптилно се прелеваа филмско-документарните и театарските сцени, естетски совршено украсени со еден неверојатно возбудлив мјузикл.
Низ овој театарски сон, фасцинантно се менуваа сликите од нашето скорешно минато, на едно рационално необјасниво трагично време, време на тешки судбини и загуби, време на една од најголемите хуманитарни катастрофи откога постои човештвото, време на пандемијата на ковид-19. Како постојано низ претставата да одѕвонуваа и оние потресни Рацинови стихови, кога тој за него својствено и тегобно ги запиша, стихови што се пројавуваат во миговите на најтемните и најмрачните децении, на истребувањето на човек од човека до смрт, кога сме немоќни пред виорите на злото и на злосторството, кога тој во „Елегии за тебе“ потресно ќе запраша: „Кој ни ги скрши нашите крилја, крилја на галеби бели, кој ни замати извори бистри извори на души чисти и кој раздвои човек од човека со гроб и кој направи човек од човека да бега и страда од лулка до гроб“? Токму овие Рацинови стихови имаат целосна еманација во овој трагичен рефрен од историјата на човештвото, рефрен што е совршено естетски сублимиран во претставата „Антитело“.
Во текот на претставата пред нашите очи, во само навидум обични денови, овие млади актери и ентузијасти, чии имиња допрва ќе блескаат на нашето и европското ѕвездено небо, низ ролјите на штиците што живот значат, ја соголија нашата душа и како Чехов запрашаа секого поединечно и отворено „знаеме ли ние луѓето колку грозен и досаден живот живееме“. Иако секоја судбина на ликовите е својствена по својата тежина сама за себе, внатре во претставата таа носеше едно заедничко трагично јадро во животите на овие млади луѓе.

„Антитело“ е претстава за изгубената младост, бришењето на љубовта како causa sui на постоењето, оддалечувањето од другиот во омразата, одмаздата стравот и отфрлањето, затворањето зад голите ѕидови, тогаш кога најмногу какао млади луѓе имаме потреба да се претставиме пред светот, да летнеме со раширени крилја во еден поубав и посовршен свет. Токму во тие години оваа пандемија им ги скрши крилјата на едни нови креативни генерации, кои едвај го дочекаа својот миг да летнат во бескрајните азурни простори на небесниот свод, со својата дарба и со своите единствени таленти. Тие млади ликови едногласно ни порачаа дека претходните трагични години за човештвото беа и мигови на себеразголување во вистината, тогаш кога во порој од солзи и без задршка сме очи во очи соочени со вистината, на која долго време гледавме низ најголемите маглини, ставајќи длабок темен превез преку своите очи. Претставата ја покажа вистинската слика на семејството, живеењето по клише и во нељубовта кон сето она што е свето, а тоа се нашите деца. Ја покажа осаменоста на човекот, паничните напади поради незнаењето дека само љубовта е најголемиот лек за сите болести, дека радоста е да го гушнеме силно другиот и да останеме на фреквенцијата на божественото…
Овој театарски сон нѐ врати во времето кога светот застана, сѐ замрзна. Застанавме и ние да видиме како живееме и на која точка ќе се задржиме. Како сите да имавме земено здив и не го испуштаме, чекавме целата ситуација да заврши. Целата планета застана и се обедини околу еден заеднички проблем, а од решението требаше да профитира целото човештво. Ова планетарно здружување, претставено во единството на ликовите од претставата, ќе го дефинира новото цивилизациско поместување за наредните двесте години, до некоја нова криза, до некоја нова револуција, до некоја нова поголема свесност.

Да не заборавиме дека короната значи круна, потекнува од латинскиот збор, значи и лавров венец, медал што им се дава само на победниците, таа им се става на главите само на оние што ќе се поврзат со духовното, со љубовта, со небесното. Така ќе издвоиме победа сега, така ќе станеме херои на сопствениот живот. Сега е време за големи победи, духовни победи. Со промената на парадигмата на духот во повисоките небесни сфери, материјата и сѐ што е поврзано со земското, ќе мора да ги следат нашите духовни достигнувања. Дали короната е производ на злото на човекот, или, пак, опомена од природата дека не можеме да продолжиме по старо, сепак, останува секој од нас да одговори пред себеси. А токму од одговорот зависат неговиот живот и животите на другите.
Сите овие духовни превирања што интензивно се поставуваат во текот на претставата не ќе беа можни без менторството на проф. Бузалковска и доцентот Александар Степанулески, без најпознатите актерски имиња во поново време, Анастасија Величковиќ, Леонардо Лазов, Ања Митиќ, Виктор Мирчески, Стефан Николовски, Нела Павловска, Лазар Христов и Сара Спиркоска, кои се наедно и автори на текстот во претставата.

Проф. д-р Мимоза Рајл, директорка на институтот за сценски уметности ЕСРА