Фото: Јованка Гроздановска

Иван е авторот кој стои зад најголемиот дел од материјалот на албумот, кој го красат интересни соработки; песната „Пружам руке две“ ја отпеа со Дадо Топиќ, „Sunday vibes“ со Влатко Стефановски, „Life of Jupiter“ со групата Јупитер, „Music philosophy“ со Теодоси Спасов, „Зрно наде“ со Сакис Доволис, а интересниот сингл „Балкан фанк“ е создаден во соработка со Џамбо Агушев и Јан Стефановски

Во скопско Тафталиџе, денеска со почеток во 13 часот се случи промоција на првиот албум на младиот музичар.

Фото: Јованка Гроздановска

Пред голем број гости, колеги, соработници, пријатели, новинари, промоцијата ја отвори Владимир Мандичевски-Манде, наш познат менаџер и одличен познавач на популарната музика.

– Првенчето на Иван Кукиќ, содржи 10 песни жанровски различни, што е доволено кога станува збор за прв албум на некој музичар. Овој носач на звук заслужува поширока афирмација што и ќе ја добие наскоро во регионот, бидејќи звучи како да го снимил и издал музичар кој има многу подолга и посериозна кариера од Иван – рече меѓу другото Манде.

Фото: Јованка Гроздановска

Иван Кукиќ е авторот кој стои зад најголемиот дел од материјалот на албумот, објавен под закрилата на „Кроација рекордс“, кој го красат интересни соработки; песната „Пружам руке две“ ја отпеа со Дадо Топиќ, „Sunday vibes“ со Влатко Стефановски, „Life of Jupiter“ со групата Јупитер, „Music philosophy“ со Теодоси Спасов, „Зрно наде“ со Сакис Доволис, а интересниот сингл „Балкан фанк“ е создаден во соработка со Џамбо Агушев и Јан Стефановски.

– Иван ми се јави пре две-три годни ми рече дека сака со Дадо Топиќ да сними песна која би ја ставил на својот деби албум. И кога му се јавив, Дадо не го знаеше Иван, но слушнал дека Валтко Стефановски во триото има некој клинец кој одлично свири бас – ни откри Мандичесвки.

Фото: Јованка Гроздановска

Славеникот Иван Кукиќ, на сите им се заблагодари што се дел од промоцијата.

– Сакам да им се заблагодарам на сите соработници и гости на албумот, а за сите вас драги гости со моите колеги, млади музиачри од Струмица и од Богданци, ќе отсвириме неколку композиции од албумот во живо и се надевам дека сите ќе уживаме. Прво ќе ја изведеме насловната нумера, „Sunday vibes“, инструменталот на кој на албумот Влатко Стефановски свири гитара, но денеска ќе ја слушнете во поинаква, акустична верзија – рече Иван Кукиќ.

Потоа ја слушнавме и „Друмови“, која како сингл го најави албумот, за која музика и аранжман се на Кукиќ, а текстот е на Стефан Илиќ. Прозвуче и „Пружам руке две“, што на албумот ја пее Дадо Топиќ, за која тој ги напиша музиката и аранжманот, додека текстот е на Влатко Стефановски . Претпоследна беше изведена песната „Добар и лош“, на негова музика, а текстот го потпишува Огнен Неделковски.

По бурните аплаузи од прустните Иван Кукиќ изведе соло на бас, во кое на албумот, на кавал го придружува виртуозот Теодси Спасов. Со својата врвна изведба Кукиќ создаде вистинска магија.

– Тоа е момент кога јас чувствувам дека сум во некоја друга димензија и целосно и се предавам на мзуката, заборавам каде сум – ни рече Иван Кукиќ по настапот.

Фото: Јованка Гроздановска

Благој Маротов, познатиот македонски музичар, му предавал бас на Иван во средното музичко училиште „И.Н.Луј“во Скопје и очигледно создал добра основа за негова надградба.

– Иван е голем талент и му посакувам да напредува и да оствари меѓународна кариера, бидејќи тука очигледно му е претесно – вели Маротов.

Од своја страна, младиот музичар ни рече дека за создавање на песните го инсприрала музиката од 1970-те и 1980-те години во екс Југославија.

– Јас пораснав со музиката на „Леб и Сол“, „Индекси“, „Корни група“, „Бело дугме“, „Тајм“….Целата инспирација е од тој период. Среќен сум што албумот еве го држам во рака и веќе се подготвува негово претставуавње низ Македонија и во регионот – ни рече Иван Кукиќ.

Тој свири на шест инструменти: гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, компонира, аранжира и пее. Иако е многу млад, овој љубител на музиката често настапува низ регионот, а беше и дел од неколку меѓународни натпревари.

На јавноста и е познат како бас-гитарист во Триото на Влатко Стефановски и бил дел од над 130 концерти. Пред една година дипломираше музичка продукција и дизајн на звук, а по дипломирањето во Белград се стекна со титулата „дипломиран уметник на повеќемедиска уметност“.