Наградите на ДПМ за 2024 година ќе бидат свечено врачени на 13 февруари 2025 година, денот на кој ДПМ ќе одбележи 78 години од своето основање

Тричлените комисии задолжени за избор на добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2024 година со анонимно гласање ја направија првата селекција на дела што влегуваат во вториот круг од конкурсот.
За наградата „Стале Попов“, за најдобра прозна книга објавена во 2024 г. од страна на писател член на ДПМ, од вкупно пријавените 11 дела, во полуфиналниот круг влегуваат следните седум наслови: „Ветрилиште“ (Игор Анѓелков, „Или-или“), „Собирачите на пластични шишиња“ (Љубинка Донева, „Современост“), „Кој го уби Едгар Алан По“ (Владо Јаневски, „Или-или“), „Леска Брезоска“ (Симона Јованоска, „Или-или“), „Човек глагол (Homo-verbum)“ (Елизабета Јончиќ, „Слово љубве“), „Приказничар“ (Жарко Кујунџиски, „Антолог“), „Јод“ (Снежана Младеновска-Анѓелков, „Или-или“).
За наградата „Ацо Шопов“, за најдобра збирка поезија објавена во 2024 г. од страна на автор член на ДПМ, од вкупно 16 дела, во полуфиналниот круг влегуваат следните осум наслови:,,Рајсфершлус“ (Јулијана Величковска, „ПНВ Публикации“), „Бог на ба(к)терии“ (Митко Гогов, „Макавеј“),,Јазикот што само ние го разбираме“ (Зоран Јакимоски, „ПНВ Публикации“), „На грбот на неповратот“ (Владо Јаневски, Агенција за иселеништво), „Светлината во нашите вени“ (Стефан Марковски, „Современост“), „Одглас (на нечуеното)“ (Сузана Мицева, самиздат), „Непронајдено прибежиште“ (Сашо Огненовски, „Антолог“), „Посвети и пофалби“ (Ивица Џепароски, „Дијалог“).
За наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади објавена во 2024 г. од страна на автор член на ДПМ, од вкупно девет конкуренти, во полуфиналниот круг влегуваат следните шест наслови: „Бакнежи на небото“ (Иван Антоновски, „Светулка“), „Играме, растеме“ (Владо Димовски, „Арс ламина“), „Саканија“ (Љубинка Донева, „Панили“), „Со големо Д (прозен воспев на Другарството)“ (Александар Кујунџиски, „Антолог“), „Очи во очи“ (Ели Маказлиева, „Едука Мак“), „Првото жарче Љ У Б“ (Велко Неделковски, „Арс ламина“).

За наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критика или есеистика, од вкупно пријавените шест книги, во вториот, истовремено и финален круг влегуваат следните три наслови: „Книжевни паметници“ (Наташа Аврамовска, Институт за македонска литература), „Жени во македонската книжевност од XIX век“ (Славчо Ковилоски, Институт за македонска литература), „Дом во тишина“ (Никола Маџиров, „Арс ламина“).
За наградата „Мост“, која ѝ се доделува на книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат националностите во Македонија, се пријавени следните три дела: „Беше еднаш една куќа“ на Гордана Јовиќ Стојковска („Слово љубве“), „Молњи на молкот“ на Делвина Крлуку (самиздат) и „Шугавото стадо го брка авторот“ на Каљош Челику (самиздат).
Делата финалисти за секоја од петте награди ќе бидат објавени на 4 февруари, а тоа е наедно денот кога на секој член на комисијата ќе му биде обелоденет составот на тричлената комисија. Во следните неколку дена, петте комисии ќе се состанат и ќе одлучуваат за победниците, кои ќе бидат обелоденети на 11 февруари на прес-конференција во Друштвото на писателите на Македонија. Наградите на ДПМ за 2024 г. ќе бидат свечено врачени на 13 февруари 2025 година, денот на кој ДПМ ќе одбележи 78 години од своето основање. В.Д.