Хрватската виолончелистка со светско реноме, Ана Руцнер, ќе настапи за првпат во Македонија како специјална гостинка на спектакуларниот концерт на Битолскиот камерен оркестар „IWConnect Flowers Symphony“, кој ќе се одржи на 30 јули во античкиот локалитет Хераклеjа, Битола.
Ана Руцнер е уметница со повеќе од 1.000 настапи во над 30 земји низ светот. Добитничка е на над 30 домашни и меѓународни признанија, позната по својот иновативен и уникатен пристап во изведбата на класичната музика, која ја збогатува со модерни и етноелементи. Нејзините настапи се вистинско музичко и визуелно доживување – хармонија меѓу традицијата и современото.
Публиката во Битола ќе има ретка можност да ја доживее магијата на Ана во живо, со нејзиниот впечатлив сценски настап и музика што допира до срцето. Нејзината кариера опфаќа соработки со познати имиња, настапи на светски фестивали и настани, како и претставување на БиХ на „Евросонг 2016“.
Покрај нејзините концерти, Ана е и амбасадорка на хрватската култура и туризам, со многубројни наградени музички видеа и хуманитарни ангажмани. Во Кина важи за ѕвезда со голем број настапи на врвни фестивали, вклучително и на Глобалната новогодишна гала во Пекинг со над 150 милиони гледачи.
„Флаурс симфони“ претставува совршен контекст за нејзиното деби во Македонија – насловен концерт што слави љубов, уметност и природна убавина, а Ана Руцнер е токму симболот на таа синергија.
Присутните на концертот ќе имаат можност да ги слушнат и нашите Виолета Арсовска, Јаворка Витанова, Марина Коруновска и гостинката од Косово Зана Абази Рамадани, која неколкупати има настапувано со „Битолскиот камерен оркестар“.