Познатата белградска писателка Милена Марковиќ во Скопје

Познатата авторка на драмски текстови, сценарија и поетски книги, Милена Марковиќ од Белград, ќе има промоција во Скопје на романот „Деца“, за кој ја освои 68. нинова награда за роман на годината во Србија во 2021 година. Промоцијата ќе се одржи в среда, 4 септември, со почеток од 20 часот, во бифето на Младинскиот културен центар ‒ Скопје.
Книгата преку разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска. Изданието е на „ПНВ публикации“ и беше поддржано од Министерството за култура на Република Србија, а преводот од српски на македонски е на Сашо Огненовски.
Познатиот новинар и критичар Теофил Панчиќ за романот „Деца“ вели: „Не можам да замислам читател кој по ова дело би можел да излезе непроменет – читањето на оваа книга за секој читател ќе биде егзистенцијално искуство, луѓето ќе паметат кога и каде ја читале оваа книга“.
Писателот Миљенко Јерговиќ, пак, изјави: „’Деца‘ е поема за осуетеното, вечно недовршено растење, моќна, во нашите јазици неспоредлива, најголема книга за женскоста, за мајчинството, ќеркинството и синовството… опасен роман за историјата, за онаа за нас најважна и трауматична, која потекнува од Втората светска војна, продолжува низ осумдесеттите, па деценијата на нашето растење, и нѐ прегазува во текот на деведесеттите.“
Најпознати дела на Милена Марковиќ се сценариото за серијата „Мочуриште“, како и текстовите за претставите „Павилјони, каде одам, од каде доаѓам и што има за вечера“ и „Брод за кукли“, кои во моментов се на редовниот репертоар на Народниот театар – Битола. Таа е редовна професорка на Факултетот за драмски уметности во Белград. За нејзините поетски книги ги има освоено наградите: „Борисав Михајловиќ Михиз“, „Милош Црњански“, „Тодор Манојловиќ“, „Билјана Јовановиќ“, „Ѓура Јакшиќ“ и „Перо Деспота Стефана“. Напишала повеќе драми, кои со голем успех биле изведени на домашни и на меѓународни сцени, покрај гореспоменатите, се и: „Ливада полна темнина“, „Петте животи на претажниот Милутин“, „Шини“, „Наход Симеон“, „Шумата блеска“, „Жица“ и „Убијци на змејови“. Добитничка е на специјална награда во Виена за најдобра драма од бившојугословенските простори и на три стериини награди за најдобар текст за драмите: „Наход Симеон“ во 2007 г., „Брод за кукли“ во 2009 г. и „Убијци на змејови“ во 2015 г. Наградени се и нејзините сценарија за играните филмови: „Утре наутро“ (2006), „Бел, бел свет“ (2010) и „Татковина“ (2015), како и за документарниот филм „Рударска опера“ во 2005 г.