Фото: Пиксабеј

Пожарите што беснеат во Калифорнија ја погодија и филмската заедница, а голем број настани, како што се објавувањето на номинациите за „оскар“ и наградите за избор на критичарите, беа одложени поради катастрофата. Американската академија за филмски уметности и науки соопшти дека објавувањето на номинациите за 97. доделување на наградите „оскар“ ќе се одложи поради катастрофалните пожари, кои ја зафатија областа Лос Анџелес. Според официјалното соопштение на Академијата, гласањето за номинации, кое почна на 8 јануари, е одложено до 14 јануари. Објавувањето на номинациите, првично планирано за 17 јануари, е одложено за 19 јануари. Самата церемонија на доделување на „оскарите“, чиј водител е Конан О’Брајан, сè уште е закажана за 2 март.
Пожарите исто така резултираа со откажување на гала-ручекот на наградите АФИ и настанот за чајна забава БАФТА. Откажани се и премиерите на неколку нови филмови. Доделувањето на наградите „критикс чоис“ е одложено од 12 јануари на 26 јануари поради новонастанатата ситуација.
Бил Крамер, извршен директор на Академијата за филмски уметности и науки, изрази длабока загриженост.
– Сакаме да им изразиме длабоко сочувство на сите оние што се погодени од разорните пожари во јужна Калифорнија. Многу од нашите членови и колеги од индустријата живеат и работат во областа Лос Анџелес и нашите мисли се со нив – рече тој.
Како одговор на кризната состојба, Академијата воведе неколку алтернативни решенија. Виртуелните состаноци ги заменија откажаните презентации во живо, сите филмови од потесниот избор станаа достапни преку „Собата за прикажување“ на Академијата, а меѓународните филмови продолжуваат да се прикажуваат според планираното во Њујорк и во Лондон.