Отворена изложбата „41-ва паралела“ на Мице Јанкуловски во Ереван
Изминатава недела беше реализиран проектот „41-ва паралела“ на македонскиот и интернационален уметник Мице Јанкуловски во центарот за современа уметност „Хај арт“ во Ереван, Ерменија. Кураторка на изложбата е Корнелија Конеска.
– Македонија и Ерменија се наоѓаат на иста паралела, 41-та од екваторот, но покрај географската, меѓу двете земји можат да се повлечат многу други паралели: древни православни земји со бурно минато, традиција и борба да се опстои меѓу не секогаш пријателското опкружување, но со исклучително богата култура како основа на потенцијалот на уметниците од двете земји за високи достигнувања во уметноста… Сепак, меѓу Македонија и Ерменија нема билатерални односи, што беше мотив да се обратиме до Делегацијата на ЕУ, а амбасадорот Васислис Марагос со задоволство прифати да го поддржи проектот – велат организаторите на изложбата.
„Хај арт“, во соработка со „Култур дијалог армениен“ и „Остен – Скопје“ и со поддршка на делегацијата на Европската Унија во Ерменија, првпат во регионот го претставува реномираниот македонски и меѓународен уметник Мице Јанкуловски во Ерменија со изложбата „41-ва паралела“. Темата на изложбата ги реинтерпретира историските, културните и уметничките сличности и различности меѓу двете земји лоцирани на иста географска паралела. Како дел од изложбата, посетителите ќе имаат можност да видат и две видеа со детали од творечкиот процес на уметникот и еден видеоперформанс.
Јанкуловски во Ереван создаваше платна што беа прикажани пред ерменската публика како дел од изложбата. Беше организирано и отворено студио, каде што уметници, медиуми и поширока публика се запознаа со процесот на работа. Беше одржана и прес-конференција по повод изложбата, на која, покрај Јанкуловски и Конеска, се обрати и Сона Харутјуњан, в.д. директор на центарот „Хај арт“.
– Чест ни е што сме домаќини на еден навистина исклучителен настан: првата официјална прес-конференција во регионот за самостојната изложба на широкопризнаениот и истакнат современ македонски уметник Мице Јанкуловски, овде во Ереван. Оваа пригода има особено значење во светлината на тековните случувања во секторот за ликовни уметности. Изборот на Јанкуловски и Конеска, Ерменија да биде првата земја во регионот каде што ќе ја претстави својата уметност го нагласува фактот дека современата уметност во Ерменија се развива во согласност со меѓународните трендови – рече таа.
Се обрати и Даниел Даниелјан, заменик-министер за образование, наука, култура и спорт на Ерменија.
– Би сакал да напоменам дека посетата на Мице Јанкуловски има и високо симболично значење, бидејќи нашата политика се движи во насока каде што имаме цел активно да ја развиваме современата уметност во Ерменија. Оваа изложба го означува и почетокот на соработката со „Остен – Скопје“, каде што ерменските уметници ќе имаат можност да ја претстават својата уметност надвор од границите на нашата земја. Тие чекаат нови платформи и можности да го покажат својот уметнички потенцијал. Денес сум длабоко импресиониран, бидејќи имав можност да видам неколку завршени дела од уметникот, кои веднаш пренесуваат енергија и инспирација – рече тој.
Изложбата ја отвори амбасадорот на делегацијата на ЕУ во Ерменија, Василис Марагос. В.Д.