Минатиот месец Ивица Челиковиќ го објави својот нов роман, со наслов „Повратник со две лица“, во издание на издавачката куќа „Паблишер“. Ивица Челиковиќ е препознатлив по своето богато творештво – автор е на петнаесетина авторски дела, поетски збирки и романи. Како докажан автор, тој има добиено повеќе значајни награди и признанија, како „Млада Струга“, „Стојан Христов“, „Стале Попов“, „Караманов 2023“, „Златно перо“. Освен како автор, за македонската книжевна сцена е значаен и како преведувач од шведската литература, со четириесетина дела преведени на македонски јазик. Тој е член на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на шведските писатели.
„Повратник со две лица“ е седмо прозно дело од Челиковиќ. Тоа е сосредоточено на темите што често се провлекуваат во неговото писмо – отуѓеноста, прашањето за сопствениот идентитет, растргнатоста меѓу себе и другите, она што сме и она што сакаме да бидеме. Сижето го следи главниот лик Нестор, кој е патник меѓу два света, морнар што плови меѓу бреговите на вистината и заблудата, љубовта и недостигот, по пат што води кон најтешкото враќање: во самиот себе.
Оваа книга е уште една умешно исткаена приказна од Челиковиќ за сеќавањето, за помирувањето со загубата и простувањето, за вечната потреба да се најде светлина во темнината. Романот е достапен во сите книжарници на „Три“.