• Фестивалот на европски филм „Синедејс“ по 24. пат ќе се одржи во МКЦ, во периодот од 3 до 10 декември

Фестивалот на европски филм „Синедејс“, во соработка со престижните европски маркетинг-агенции „Алфапанда“ (Alphapanda) и „Лакитајм“ (Luckytime), го објавува повикот за учесници на дводневниот хакатон за филмски маркетинг, кој ќе се одржи од 4 до 6 декември во Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот е наменет за млади автори, продуценти, студенти и професионалци од областа на филмот, комуникациите и маркетингот, како и за сите љубители на визуелни приказни што сакаат да научат како се создава ефективна и препознатлива промотивна кампања.
Во текот на првиот ден, на 5 декември, учесниците ќе работат во групи, развивајќи вистински стратегии за филмски маркетинг, под внимателно водство и насоки од меѓународните експерти. Работата ќе биде проследена со презентации и конструктивни коментари што ќе им помогнат на учесниците да размислуваат како професионалци во индустријата. Денот ќе заврши со проекција на филм од програмата на „Синедејс“, избран специјално од страна на експертите.
Вториот ден, на 6 декември, ќе биде посветен на продлабочување на знаењата: како се оформува приказната за еден филм за да допре до вистинската публика, што ја прави една кампања незаборавна и на кој начин се создава содржина што ќе се споделува, клика и памети. Под менторство на водечките европски агенции „Алфапанда“ и „Лакитајм“, учесниците ќе работат на реални примери, ќе изведуваат практични вежби и ќе развиваат тимски стратегии. Денот ќе биде заокружен со презентации, анализа и детален фидбек. Секој ден од хакатонот ќе трае околу шест часа, со предвидени паузи и многу простор за креативност.
Пријавувањето е со пополнување апликација што е достапна на профилите на фестивалот на социјалните мрежи.
Крајниот рок за пријавување е 21 ноември 2025 година. Бројот на учесници е ограничен, а избраните кандидати ќе добијат известување по е-пошта најдоцна до 25 ноември.
Агенцијата „Алфапанда“, со седиште во Берлин и тимови во Варшава, Лозана и Милано, веќе повеќе од една деценија е меѓу водечките имиња во европскиот филмски маркетинг. Од друга страна, париската агенција „Лакитајм“ се истакнува со својата специјализација во дигиталниот маркетинг за киното и аудиовизуелната индустрија.
Хакатонот е организиран со финансиска поддршка од програмата „Поддршка за европски филмски фестивали“ на Европската Унија. Целта на програмата е да го поддржи развојот и да го подобри квалитетот на европските филмски фестивали што се организираат во различни земји низ светот.
Фестивалот на европски филм „Синедејс“ по 24. пат ќе се одржи во МКЦ, во периодот од 3 до 10 декември.