Од 23 до 27 јули, Охрид повторно станува живо гледалиште на новиот европски филм. Осмото издание на „Бич филм фестивал“ ќе се одржи на четири внимателно избрани локации: главното отворено кино на плажата Славија, култната плажа Сараиште, бродот „Армада“ и Младинскиот центар во Охрид. Фестивалот годинава носи повеќе од 60 филма од современата европска кинематографија – внимателно селектирани, со свежи авторски гласови.
Отворањето на фестивалот се одржа под отворено небо на плажата Славија – почеток на петдневна филмска авантура покрај езерото. Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за: најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм. За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од: Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија). Првпат оваа година своја награда ќе додели и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески.
– „Бич филм фестивал“ не е само платформа за филмови туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридско Езеро, меѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура што не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката – велат организаторите.
Кинотеката на Македонија, во соработка со институтот „Гете“ – Скопје и „Бич филм фестивал“, пак, организира еднодневна презентација и работилница посветена на филмското образование, како дел од европскиот проект „ФилмЕД“. Настанот ќе се одржи денеска, со почеток во 18 часот, на бродот „Армада“ во Охрид, во рамките на фестивалот.
Целта на настанот е да поттикне отворена дискусија и размена на искуства на темата „Филмот како образовна алатка во работата со млади и во училиштата“ во Македонија и поширокиот регион. Во рамките на презентацијата ќе се одржи и разговор со гости на фестивалот и експерти од областа на филмското образование, кои ќе споделат примери на добри практики, предизвици и потенцијали за интегрирање на филмот во формалното и неформалното образование.
Настанот е поврзан со платформата https://film-ed.eu, која нуди иновативни методологии и ресурси за работа со ученици преку филм. Влезот е бесплатен и отворен за сите заинтересирани, но со ограничен број слободни места.