Во пресрет на „Македокс“
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ја објави комплетната програма и сите фестивалски активности за 16-то издание на „Македокс“, кој ќе се одржи од 21 до 28 август, со програма распоредена во „Куршумли-ан“, Музејот на Македонија, „Сули-ан“, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „Македокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу сто гости од странство.
– Бидејќи живееме во свет во кој вистината се менува побрзо од нашата способност да ја сфатиме и каде што е тенка границата меѓу фактите и фикцијата, потребата да гледаме внимателно, креативно, критички и со грижа никогаш не била поголема – посочи Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Документарните филмови што ќе бидат прикажани на фестивалот отвораат прашања, нè соочуваат со низа социјални, културни, еколошки предизвици и ни покажуваат како други луѓе – од крв и месо како самите нас – се справуваат со овој свет во кој се чини дека ништо не мирува.
– Документарните филмови отвораат многу прашања што нè мачат сите, од автор до публика, соочувајќи нè со низа социјални, културни, безбедносни, како и проблеми поврзани со животната средина. Затоа, тие стануваат сè поважни во светот на филмот денес, претставувајќи своевиден документ за реалноста, каде што преку снимен и архивски материјал, доаѓајќи во допир со многу лични приказни и искуства, освестуваме многу наши лични процеси и добиваме можност да ја споредуваме нашата реалност со реалноста на минатите генерации, дури и да ја претпоставиме реалноста на идните генерации. Тие се слика и прилика преку кои можеме да видиме како авторот, па и обичниот човек, без разлика на возраста, бојата на кожа, полот или дали доаѓа од село или град, се справува со овој свет во кој „сè тече и сè се менува“ – истакна Петрула Вељановска, програмска координаторка на „Македокс“.
Програмата на фестивалот ќе се одвива во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Австрија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади. На отворањето на фестивалот на 21 август ќе бидат прикажани краткиот филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими.
Годинашниот фестивалски фокус ќе биде посветен на Австрија, земја што заслужува, покрај зелените Алпи и убавиот син Дунав, да се запознае и по документарната сцена што веќе подолго време заслужено си го наоѓа местото на речиси сите светски познати документарни фестивали. На фестивалот ќе се одржат македонски премиери на повеќе филмови, меѓу кои се „Планината не оди никаде“ на режисерката Петра Селишкар и „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, како и кратките филмови „Антигона“ на режисерите Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов, „Пејзажот на човековата суштина“ на чешката авторка Јана Хунтерова, направен во соработка со „Арт-поинт Гумно“, „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски. Ќе се одржат премиери и на новите филмови произлезени од школата „Докуникулци“, а специјална проекција ќе има филмот „Вода и оган“ на мултимедијалниот уметник Киро Урдин.
На отворањето на фестивалот на 21 август во „Куршумли-ан“ ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев што произлегоа од Патувачкото кино на „Македокс“ во Кочани. На 26 август во „Сули-ан“ ќе биде поставена изложба на фотографии од уметникот со светско реноме Киро Урдин, создадени во долината Омо во Африка, која ќе биде проследена со специјална проекција на неговиот документарен филм „Вода и оган“.