Дека за вистинското уметничко дело не постојат граници се уверивме пред два месеца, кога тромбонистот од Америка Роџер Флет, солист на Бостонската филхармонија, ми се обрати со молба да му ја испратам партитурата од прекрасното дело на Масевски за тромбон и пијано „Сон за двајца“. Реномираниот македонски композитор, продуцент и музички деец Димитар Масевски му ја посвети својата композиција на „својот пријател“ Кирил Рибарски во 1991 година. Музика полна со страст, копнеж и нежност, која длабоко нѐ инспирираше. Набрзо потоа ја снимивме во Брисел за едицијата „Аркобалено/Arcobaleno“, во состав на компакт-дискот „The Incredible trombone“. Истата година беше снимен во дистрибуција на „Дисковер“ од Германија во албум што го понесе името „Сон за двајцa“ („Reve pour deux“ / „Dream for Two“), ни соопшти м-р Милица Шперовиќ-Рибарски, пијанистка, професорка на ФМУ-Скопје во пензија.
Како што ни сподели таа, дистрибуцијата на цедеата во шест земји на Европа и Америка придонесе за афирмација на македонската музичка култура.

– Еве сега, 34 години подоцна, тромбонистот Роџер Флет, кој денес живее во Токио, ја сними оваа безвремена музика на Масевски „Сон за двајца“ и ни се обрати повторно, овој пат со молба да го упатиме каде да обезбеди лиценца за да ја објави композицијата во својот нов албум – ни сподели Милица Шперовиќ-Рибарски.
Милица Шперовиќ и Кирил Рибарски имаат значаен придонес во промоцијата, негувањето и развојот на класичната музика. Дуото Рибарски, Кирил Рибарски тромбон и Милица Шперовиќ-Рибарски пијано, е формирано во 1977 година. Досега настапувале во триесет земји на Европа, Азија, Северна и Јужна Америка во најпознатите музички центри како Париз, Виена, Рим, Москва, Лондон, Брисел, Њујорк, Монтреал, Прага, Краков, Шангај, Бело Хоризонте, Рио де Жанеиро, Токио.
Познaтиот композитор и музички продуцент Димитар Масевски важешe за еден од основоположниците на македонската забавна музика. Во текот на својата музичка активност, Масевски има продуцирано околу 2.000 композиции. Масевски е автор на првата детска песна на македонски јазик „Рингишпил“, а компонирал и музика за ТВ-серии и театарски претстави. Во 21 век, Масевски започнал да компонира новосоздадена фолклорна музика.