Викендов на „Македокс“
Викенд-програмата на 15. издание на „Македокс“ ги активира сите пет фестивалски локации. Во објектот „Куршумли-ан“ и на платото пред Музејот на Македонија се прикажуваат филмови од главната и од краткометражната програма, во „Сули-ан“ се прикажуваат програмата на балканските кинотеки и студентските филмови, во МКЦ се одвива програмата за деца и млади, додека во „Лабораториум“ се одржа мастерклас со Инеке Смитс и Јероен Стаут со наслов „Звуци и слики од втора рака“.
Филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут со присутните споделија како се запознале, нешто повеќе за својата заедничка љубов, за луди земји, за својата соработка на филм и радио и за реупотребата на архивски звуци и слики. Во текот на предавањето беа прикажани и инсерти од нивните досегашни филмски и радиопроекти.
Во „Куршумли-ан“ беше отворена програмата „Регион во фокус: Балкански кинотеки“. Привилегијата да ја отвори програмата ја имаше македонската Кинотека со филмови од нејзината архива. По тој повод, како специјални гости на настанот беа поканети филмологот Илинденка Петрушева, една од основачите на Кинотеката на Македонија, и професорот по економски науки Љубомир Кекеновски. На настанот присуствуваше и дел од актуелната екипа вработена во Кинотеката.
Филмологот Илинденка Петрушева со низа детали и интересни сеќавања зборуваше за потребата да биде основана установа што ќе го собира, ќе се грижи и ќе го чува филмското богатство на државата.
Таа истакна дека Македонија прва во однос на другите тогашни југословенски републики успеала да ја основа својата Кинотека во 1974 година, а истата таа почнала со работа во 1976 година, кога за прв директор бил именуван Ацо Петровски, филмски работник од Скопје. Во своето обраќање пред присутните, професорот Љубомир Кекеновски изложи повеќе аспекти на значењето на филмското богатство што се чува во Кинотеката.
Програмата „Регион во фокус: Балкански кинотеки“ содржеше архивски материјали на Словенечката кинотека, со три филма на Карпо Година, и на Југословенската кинотека, а беа претставени и Хрватскиот државен архив и Бугарскиот национален филмски архив.
Во главната програма беше прикажан документарниот филм „Архитектон“ (Германија, Франција, САД / 2024 / 98 мин.) на Виктор Косаковски. Станува збор за видеоесеј што ја промислува поврзаноста на човештвото со природата. Косаковски го користи пејзажниот дизајн на италијанскиот архитект Мишел де Лучи и преку кругот се осврнува на историјата и нејзините цивилизации, од 60-тата година по Христа до 2023 година, додека минатото и иднината се судираат во фасцинантни кадри.
На платото пред Музејот на Македонија беше прикажан документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ на Марија Џиџева. Шабан Сејдиу е борач, шампион, четирикратен олимпиец. Тој е еден од најголемите и најуспешни спортисти во Македонија. Филмот е спортска приказна што ни го покажува патот на едно мало дете од Скопје, кое го освојува светот со својата целосна посветеност на борењето.
Под смоквата во „Куршумли-ан“ веќе почнаа да се одржуваат сесиите разговори со филмските автори што се гости на фестивалот „Македокс“. Сесиите се отворени за јавноста и може да присуствуваат сите што се заинтересирани да дознаат какви се патиштата за реализација на еден креативен документарен филм – од идеја до снимање, монтажа, постпродукција, премиера и дистрибуција споделени лично од филмските автори.
Премиера на краткиот документарец „Танцувајќи со Камара“
Премиерно на „Македокс“ беше прикажан краткиот документарен филм „Танцувајќи со Камара“ на режисерката и монтажерка Сандра Ѓоргиева.
Катарина Камара е кореографка и танчарка по современ танц од Португалија, која држи часови по танц на затвореници во затворот „Лињо“, во Лисабон. Нејзината силна енергија и авторитет ѝ даваат слобода да се движи во ист простор со мажи осудени на долги затворски казни и одгледани во патријархален систем. Таа верува дека преку танц и разговори може да им го подобри процесот на рехабилитација, но и да помогне овој свет да стане подобро место за нејзината осумгодишна ќерка.
Филмот е снимен, режиран и монтиран од Сандра Ѓоргиева како дел од „Еразмус мастер програмата ДокНомадс“, која се одвива во три универзитети во три земји, Португалија, Унгарија и Белгија. Продукцијата е на „ДокНомадс“, под менторство на Виктор Кандеиас, Тиаго Еспања и Маргарида Кардосо.
Сандра Ѓоргиева има завршено Факултет за драмски уметности во Скопје, отсек филмска и ТВ-монтажа, и потоа работи во постпродукција на ТВ-серии, а паралелно се занимава и со режија и сценарио. Претходни филмови се „Зелени ѕидови, црна храна“ (2015), „Црно и бело“ (2019), „Еден тон сладолед“ (2021). Во моментот, паралелно со студиите, е во препродукција на краткиот филм „Сертификат за живот“, развиен на „Мидпоинт институт“, во продукција на „Минимал колектив“, а поддржан од Агенцијата за филм.