Отворена изложба – 70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки
Во чест на одбележувањето на празникот на Велес, 9 Ноември, во Ликовниот салон беше биде отворена јубилејната изложба „70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки“. Проектот се реализира во соработка со Националната галерија на Македонија и поддршка од Општина Велес. На изложбата се претставени икони од цркви во Велешко и 20 профани дела од Националната галерија на Македонија.
Димитар Андонов Папрадишки потекнувал од семејство што под принуда на Арнаутите се иселило од родното малореканско село Тресонче, кое со генерации го практикувало не само зографскиот занает туку имало и градители, каменоресци и резбари и се населило во мијачкото село Папрадиште, во непосредна близина на градот Велес, каде што е роден Димитар во 1859 година. Во своето родно место, а потоа и во Велес, тој се стекнал со образование и успешно завршил „четврто класно училиште“. Немајќи можност да продолжи со своето школување во Велес, тој на многу рана возраст му се приклучува на татко си Андон Китанов, кој бил надарен градител, копаничар и иконописец, кај кого ги стекнал првите уметнички искуства. На само 20 години веќе бил самостоен во својата зографска работа.
– Желбата на Андонов да го оформи своето образование му се остварила во 1882/1883 година, кога ја посетува Художествената иконографска школа во Киев, во класата на професорот А. Вишневски, и која ја завршува со успех. Во 1887 година му се отворила можност да продолжи да студира на престижната Московска академија, но набрзо се вратил во Македонија за да му помогне на своето семејство. Неговиот долг творечки пат бил длабоко проткаен и обележан со трагичната судбина на Македонија. Истомисленик и соработник на Гоце Делчев, за своите револуционерни активности тој повеќепати бил прогонуван и затворан. Димитар Андонов Папрадишки со своето творештво се издвојува како уметник што во последните две децении на 19 век започнува да влијае на ликовните текови во Македонија.
Иако без академско образование, школувањето во Киев, посетата на Москва, работата во Софија, потоа под влијание на српското и војводинското црковно сликарство и влијанието на Света Гора, преку контактите со искусните зографи и ерминиите, придонеле да се оформи како уметник што тежнеел да го осовремени ликовниот ракопис. Последните децении на 19 век се веќе зрела фаза од творештвото на Андонов, кој израснал во автентичен сликар со модернистички тенденции. По завршувањето на Првата светска војна во 1919 година, Андонов трајно се преселува во Скопје, каде што успешно се реализира не само во религиозното туку и во профаното сликарство. Плоден во своето творештво, тој ќе доживее своја јавна афирмација преку изложбите организирани од страна на друштвото „Јефимија“ и ќе учествува во низа заеднички изложби со зачетниците на модерната македонска уметност. Во 1940 год. градскиот совет му доделува награда за неговата долгогодишна креативна работа. Во 1946 година државата го згрижува својот уметник, прогласувајќи го за номинален член на Националниот музеј во Скопје – се наведува во текстот за изложбата.
Иконописното и профано сликарство се значаен сегмент од творештвото на Папрадишки, тој е еден од последните зографи и првиот македонски профан сликар што кон крајот на 19 век го направи историскиот пресврт во македонското сликарство, поврзувајќи ги последните нишки од религиозното сликарство со првите обиди на профано сликарство. Тој бил зограф и сликар што ги користел платното и маслените бои за да ги забележи за вечноста портретните ликови на неговите современици, како и на неговите најблиски, користејќи ја и фотографијата како работна подлошка. Тој е преставник на реализмот, на кого секако влијание имало неговото школување во Русија, како и литографии и репродукции од западноевропско потекло. Папрадишки во областа на црковното и профаното сликарство оставил богат фонд трајни остварувања низ Македонија и пошироко, во Србија и Бугарија.
– Плодниот иконописен ангажман на Андонов еволуира во повеќе фази од неговиот долг творечки пат: црковното сликарство, со кое природно започнала неговата уметничка кариера, на кое му останал верен речиси до крајот на својот творечки пат, го отргнува од стегите на доцновизантиската уметност и му дава личен печат. Најголем број дела, икони од првата фаза, се во Велешко во црквите во селата (Теово, Голозинци, Лисиче, Раштани, Бусилци, Раковец итн.). Овде можат да се воочат почетните напори да создаде свој автохтон печат.
Профаното сликарство на Андонов се карактеризира со изработка на голем број портрети на јавни личности, во кои тој се обидува освен изразените тенденции за реалистичко претставување, да ги идеализира ликовите како ликовно-естетскиот момент (Портрет на Анѓелко Андонов – 1900/1901, Автопортрет – 1932 итн.). Во подоцнежната етапа од опусот на Андонов тој практикува и композиции со историска тематика (Смртта на Гоце Делчев, Богомилски поход итн.), битови теми (Селска свадба, Нишалка, Оро итн.). Иако без поголеми ликовни претензии, наклонет кон рустикалниот реализам, а подоцна и кон разубавување на облиците, сепак неговите профани дела претставуваат една значајна нишка во македонската уметност кон новиот дух на ликовната уметност во Македонија – велат од Ликовниот салон во Велес.
Димитар Андонов Папрадишки во својот долг и плоден творечки живот (умира во Скопје во 1954 год., на 95-годишна возраст, оставајќи во своето ателје неколку незавршени дела со профана и религиозна содржина) насликал повеќе од 1.200 икони за околу 100 цркви во Македонија и во Србија, со што се смета за еден од најпродуктивните наши зографи. Наедно, неговиот ангажман и во профаното сликарство го издига на пиедесталот како последен македонски зограф и прв современ сликар во македонската уметност.