Илија Пиперковски, режисер
Документарниот филм за Охридскиот маратон „Време, вода, наследство: Охрид“ на Илија Пиперковски е документарец за 70-годишното постоење на Охридскиот пливачки маратон – спорт што ги мери човечката издржливост, волја и амбиција. Сценариото и режијата се на Илија Пиперкоски, монтажата на Никола Ристов, а сниматели се Данчо Стефков, Фејми Даут, Зоран Ставрев, Димко Саздов и Виктор Крстаноски. Продуцент е Данчо Стефков, а за дизајнот на звукот се погрижи Дарко Спасовски. Учесници во филмот се: Кочо Паскали, Ристе Савин, Зорица Нестор, Горан Стојановски, Дики Бојаџи, Томи Стефановски, Теодора Раптис, Евгениј Поп Ацев и Петар Стојчев.
Седум децении не се само бројка туку доволна дистанца да се види целата приказна: како се роди идејата, кого обликуваше, што изгубивме и што добивме. Овој јубилеј е природна рамка да ги споиме генерациите во една слика и да ѝ дадеме на традицијата јасен глас за иднината, вели Илија Пиперковски.
– Сакав да направиме филм што ќе биде и благодарница и аларм. Бидејќи сум од Охрид, како дете, и јас пливав. Почнав и со маратони. Илинденскиот маратон во должина од 2,5к ми беше првиот маратон, по кој почна ова 70-годишно прославување на маратонското пливање. И знаев во што влегувам. Ја знаев приказната, пораснав со муабетите за Леко, Нико, Дики, Климе, Атина. Ги гледав пред мене како тренираат Томи, Теодора, Јане, Евгениј… Соња Думбалова-Деловска од пливачкиот клуб Охридски бранови беше одличен тренер. Еден куп деца, меѓу кои и јас, научија да пливаат и да знаат што значи овој спорт. И од првиот ден, кога почнав со реализација, ми беше јасно дека не снимаме спортски извештај, туку „семејна хроника“ на град и езеро. Формата дојде од самата вода: слоеви, бранови, повторувања. Архивите ни дадоа корени, денешните трки пулс, а младите пливачи – насока. Трите линии се испреплетени како три краци на исто весло – споделува Илија Пиперковски.
Пиперковски потрошил неколку месеци во активно барање, собирање материјал, и уште толку во внимателно уредување.
– Работевме со локални архиви, приватни колекции, телевизиски хроники, семејни албуми. Најделикатниот дел беше дигитализација и расчистување на звук/слика за да дишат рамномерно со современите кадри. Монтажно, архивата ја третиравме како жив лик, а не како илустрација – вели Илија.
Она што особено го трогна дури ги снимал разговорите со протагонистите на филмот се тивките паузи меѓу одговорите.
– Кога човек што победувал многупати застанува, зема воздух и зборува за страв, за повреда, што по пливањето, кога друга професија или за пријател паднат од форма – тука е срцето на филмот. Исто така ме допреа мали детали: молитва пред старт, детско прашање на кејот „ќе стигнеш ли прв?“. Нивните сеќавања не се само факти туку компас за вредности: работа, спартанска посветеност и издржливост, скромност, другарство, чесна конкуренција. Кога ги слушаш, не го памтиш резултатот, туку духот што го изградиле Охридскиот маратон и македонскиот спорт – изјавува Илија.
Пораката што ја носи „Време, вода, наследство: Охрид“ е дека издржливоста е навика, не дарба. Издржливоста не е избор, таа е начин на живот. Дека победата е последица, не цел. И дека најважната трка е со својот страв, сомнеж и мрзливост. Ако го совладаш тоа, езерото станува сојузник.
– Комбинацијата од традиција, предизвик и митологија на местото е она со што Охридскиот маратон привлекува светски пливачи. Водата е кристална, патеката Климе Савин бара ум и тактика, а публиката е блиску – се чуваат имиња и истории. Победата тука носи тежина што не ја дава секој маратон. Тој е различен маратон од сите други. За мене, природата и историјата на Охрид се двата мотора на маратонот. Езерото ја диктира драматургијата: тивко утро со езеро мирно ко тепсија, потоа промена на ветер и бранови што тактички ги разделуваат групите; студени извори што те будат и светлина што се менува како да сече ритам. Патеката Климе Савин не е само траса туку противник и сојузник во исто време. А историјата – камените кејови, селата и плажите, камбаните, силуетите на црквите – му даваат тежина на секој удар со рака: пливаш низ култура, не само низ вода. Публиката стои речиси на дофат, па енергијата на градот директно влегува во пулсот на спортистите. Затоа оваа трка носи набој каков што ретко има на друго место: природата ги поставува правилата, историјата ја крева одговорноста, а пливачот од таа тензија прави подвиг – споделува нашиот соговорник.
Филмот е направен со поетичен тон и впечатлив визуелен стил.
– Ритамот на ударот во вода и тишината меѓу два здивa ми се како такт што ме води. Црно-белите слоеви на снимките со висок контраст ја издвојуваат текстурата на времето. Бојата влегува кога зборуваме за надеж и денешни деца. Камера одблизу за човечко лице, широко за достоинството на просторот. Монтажата дише на музички удари, а текстот шепоти повеќе отколку што извикува. Најсилната инспирација? Луѓе што повторно влегуваат во вода секој ден, без исклучок – без публика, без фанфари – само затоа што веруваат дека трудот и општата физичка подготвеност ги прави подобри и, еден ден, да бидат најдобри. Тоа е филмот „Време, Вода, Наследство: Охрид“ – подвлекува Пиперковски.
































