„Киненова“

Традиционално, фестивалот „Киненова“ претставува една кинематографија преку програмата „Фокус на…“
– Годинава тоа е за нас далечната, северна и студена земја, но, според филмовите што се прикажуваат на „Киненова“, доста потентна кинематографија, финската – рече директорот на фестивалот „Киненова“, Небојша Јовановиќ при претставувањето на финската кинематографија, на кое присуствуваа претседателката Гордана Силјановска-Давкова и амбасадорот на Финска во Македонија, Никлас Линдквист, како и голем број љубители на филмската уметност.
На годинашното, деветто издание првпат е претставена финската современа кинематографија пред македонската публика. Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започнаа да го освојуваат светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа. На програмата се два феноменални филма од фински автори, кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали: „Девојки“ и „Караоке рај“.
„Девојки“ во режија на Али Хапасало раскажува приказна за три млади жени што се обидуваат да му пркосат на постојаниот зимски мрак во Финска и се движат меѓу соништата, реалноста, пријателството и врските, обидувајќи се да разберат сè. Улогите ги толкуваат Аму Милоноф, Елеонора Кауханен и Линеа Леино. Али Хапасало е финска режисерка и сценаристка. Добила признание за пишување и режија на проектот „На тенок мраз“, кој е нејзин дипломски филм на познатото филмско училиште за уметности „Тиш“ на Универзитетот во Њујорк. Оваа приказна потоа освои неколку награди во САД и беше номинирана за наградата „Европа“ во 2012 година. Хапасало магистрирала ликовни уметности на истиот универзитет, а поседува и диплома за уметности од филмската школа на Универзитетот во Алто.
„Караоке рај“, пак, на режисерот Инари Паканен прикажува места, луѓе, песни отпеани за ослободување, фрагменти од среќа, понекогаш смешни, понекогаш болни спомени… Овие моменти од животот се снимени со камера за време на караоке-настапи низ финскиот пејзаж. Радоста и меланхолијата се спојуваат како дел од пријателскиот пристап на овој филм, кој ќе остави траен впечаток на публиката.
Инари Паканен е режисер што се фокусира на човечки приказни и на нивно топло и интимно раскажување. Неговиот последен документарец „Караоке рај“ влезе во потесниот избор за најдобар документарен филм на Европските филмски награди и ја освои наградата „Јуси“ за најдобар фински документарен филм. Инари е магистер по документарна режија од ESCAC во Барселона. Бил член на одборот на Финскиот документарен еснаф помеѓу 2015 и 2020 година.