Познатиот новинар Назиф Услу во престижниот турски „Театарски весник“ пишува за успесите и историјатот на фестивалот „Охридско лето“, кој 65 години е успешна фестивалска сцена на која има уметници од целиот свет, како и за квалитетната програма на годинашното јубилејно издание. Особено воодушевен од условите и самата организација на фестивалот, но и од гостопримството, вели дека „Охридско лето“ е редок пример каде што се гради модерен, инклузивен систем, а Охрид е град во кој цветаат културата и уметноста во текот на целата година.
– Ова место, каде што животот никогаш не завршува и секој копнее по можност да се врати, е град каде што совршенството ја надминува убавината и можеби е најдостоен да се нарече Божји град – се наведува во објавата.
Годинава драмскиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ ја донесе премиерата на театарската претстава „Амадеус“ од Петар Шефер, во режија на Андреј Цветановски, а во изведба на Турскиот театар од Скопје.
– Публиката беше на нозе, аплаузот беше непрекинат. Актерите се враќаа пет пати. Голема толпа чекаше на излезот за да им честита. Кога се распрашав за профилот на публиката, дознав дека 80 отсто од публиката се Македонци што не зборуваат турски. Оваа информација ме изненади и воодушеви. Уште еднаш бев сведок на универзалноста на уметноста и моќта на театарот – оценува новинарот Услу.