Кон поетската книга „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска, издание на „Чудна шума“, 2024
Рецензија
Триесет плус триесет песни, во два симбиотично хармонизирани циклуса, предназначени со бројки, во два раздела, од еден до триесет, наместо со извлечени, изнудени или излачени наслови, збиднати во една омајна генеричка атмосфера на создавање пред, во и по магијата на соновноста – го чинат сумарниот извештај за третата поетска збирка на веќе препознатливата поетеса Биљана Стојановска, која е во средиштето на самоуверениот и поетички сѐ поферментиран и сѐ повлијателен дведецениски поетски бран во современата македонска поезија.
Книгата „Додека спиеш“ се обзнани во изминатата 2024 година кај издавачот „Чудна шума“ од Скопје и со очекуваната и внимателна рецепција го заслужи своето место на една од најквалитетните поетски збирки во актуелниот македонски поетски контекст.
Во книгата „Додека спиеш“ Стојановска ни се обраќа со хармонизиран глас од светлосниот, сонорниот, но и од темниот свет, од зашеметениот залет на нејзината меморија и преку илузијата на сонот, ни поставува на пребогатата лирска трпеза изобилство нестивнати емоции, прележани мудрости поминати низ најситното сито на духовната еманација. На тој начин се збиднува функционален рефлексивен и лирски спој – нема дистанца меѓу појавното и сонуваното, растојанието е совладано, лирскиот тон се отелотворува и преминува во нашите сетила со диктирачката имагинација – а ние, читајќи, само го продолжуваме траењето на илузијата.
Таков е овој суптилно стокмен удар на лирските питагорејски наслови од оваа книга, кои изнуркуваат секогаш од љубовта, како магиски припев, како музика што ги збрала сите времиња, во едно – во нашето, сегашно, единствено и миговно вечно. Како што порачуваше и една позната француска поетеса со нејзиниот маестрален стих, според кој, „вечноста се крие во срцето на мигот“.
Во што се состои креативниот поетски внос на оваа книга на Биљана Стојановска?
Хармонизирани се трите пластови во минуциозно преплетување. Соновното, сегашното (реалното) и изместеното – фигуративното, генерирано главно од благата рефлексија што се враќа од очудените места на речиси секој стих. И додадена е уште една димензија што оваа поезија ја доближува на уверлив начин до магијата на метафизичарите – тоа е незбиднатоста што демне зад секој поетски спој. Значи, поетесата навистина се вдала во лирски проект што времето го разорува на веројатности, кои со најмек допир создаваат очудување, онеобичување, мала естетска бура во допирот на стиховите еден со друг.
Во сите поетски целости на оваа книга, од песна во песна се прелева во безброј лирски нијанси страста како љубов меѓу жедните тела, духот и бестелесноста и на нивните безбројни нијанси, ноќта и зората, будноста и потонувањето во заборавот без разлика дали местата од кои се огласува оваа лиричарка се во Дебар Маало, Тунис, Лисабон, во фетусот на некоја планета, по пределите за боси стапала по светските мориња или во бабиниот двор каде што во сматна проекција отсечената глава на светот не може да ја спознае мудроста – дали животот крикнува од јајцето на битието што сонува да лета или битието како прежален патник по вековите на певот чека да биде откриено во неговата гибел. Ерго. Сјајна и сматна поезија на преливи, навистина.
Во прекрасната песна број 18 од првиот циклус „Залет“, читам: Имам живи сеќавања / за работите што се немаат случено / Со едната дланка си ја стискам другата дланка / Договорот со себе е склучен / Есента ќе трае долго / Босите стапала ќе се буткаат во топлото ќебе / Косата ќе ми е неисчешлана / Дланките ќе ти се врели / Можеби животот нема да нѐ одмине овојпат.
И продолжува, почитуван читателу, се стврднува во сопствено време од значајна лирска вредност оваа книга, алхемиски се меша во нашата свест ритамот на еросот и танатосот, на стравот и надежта, во места и предели знајни и измислени, во простори некогашни и современи, во катчиња молк и воздишки, во имагинарни предели, во нестварни човечки и божји предели на вдахновенија, во пораки што самите се емитираат и ги наоѓаат етеричните тела на љубовта во некоја нова проекција, на некој нов праг од животната приказна што е своевиден цврст ‘рбет на оваа книга: зашто задоволството што го поттикнува и предизвикува овој поетски проект низ книгата „Додека спиеш“ го мултиплицира поетското кредо на лирскиот парадокс – предметноста нечујно и неусетно да се претвора во душевност. Или како што укажуваше познатиот декодер на поетиката на текстот, шмекерот, Роналд Барт – задоволството можеби може да се објасни и именува – насладата останува сама и недопирлива.
И токму затоа, сакам да ве упатам и да ве заведам, на таа блескотна патека што води кон тивкиот врутокот што баботи под стиховите на оваа книга, а се крева како поезија со сопствен, самосвоен и препознатлив заштитен знак.
Биљана Стојаноска, најпосле, јарко ни сугерира дека нејзиното поетско битие всушност се храни и опстојува само од длабинските клокоти на тој вруток што го нарекуваме – чувствување на изгубеното време. И наместо да ни говори за изгубеното време, таа на најзаводлив начин, ни го подарува поетското чувствување – врело, моќно, излеано во обожена, облагородена топлина и студ истовремено.
Затоа ве оставам спокојно да ги прелистате сите 60 песни од оваа книга. Сами извлечете ги своите заклучоци и соочете се со сопствената рецепција на чудесната, мека и заумна поезија што е создадена во оваа книга.
Мене, оставете ме да верувам дека ќе бидеме свидетели и читатели на нови уште поголеми потфати на оваа македонска поетеса.
Бранко Цветкоски