До 23 декември во вагоните и станиците на метрото во Софија ќе се чита европска поезија. Иницијативата „Европска поезија во вагоните и станиците на софиското метро“ се одржува деветти пат, а Македонскиот културно-информативен центар за првпат се вклучува меѓу организаторите. Проектот е инициран од Полскиот институт во Софија и „Литературен весник“, а во него се вклучени европските културни центри од кластерот на ЕУНИК, странски амбасади во Софија, Општината на главниот град – Софија, Бугарската национална радио-телевизија.
Секоја година организаторите на „Поезија во метрото“ објавуваат тема според која секој странски центар избира кратко поетско дело и за време на проектот тоа е претставено во печатен вид во вагоните и станиците на софиското метро. Голем број граѓани на Софија имаат можност да ги прочитаат песните на оригиналниот јазик, како и во превод на бугарски јазик.
Македонскиот културно-информативен центар во Софија ја претставува кратката песна „Некој тропа на вратата“ од Никола Маџиров, која е дел од неговата стихозбирка „Преместен камен“, преведена од Роман Кисјов и издадена во 2012 година, во издание на издавачката куќа „Стигмати“.
Годишното издание на проектот вклучува дваесетина поетски имиња, како на пример: Ерих Фријд (Австрија), Петја Кокудева (Бугарија), Бертолт Брехт (Германија), Шота Руставели (Грузија), Тасос Ливадитис (Грција), Мариане Ларсен (Данска), Луис Алберто де Куенка (Шпанија), Џани Родари (Италија), Авги Лили (Кипар), Колбајн Фалкајд (Норвешка), Ана Швиршчинска (Полска), Алешандре О’Нил (Португалија), Марин Сореску (Романија), Никола Маџиров (Македонија), Ерик Ондрејичка (Словачка), Тоне Паучек (Словенија), Јури Андрухович (Украина), Зита Ижо (Унгарија), Хели Лаксонен (Финска), Силва Фишерова (Чешка).
Официјалното отворање на проектот се одржа на 19 ноември во Полскиот институт во Софија.