„АНТЕВО ПЕРО“ ЗА „МУЗЕЈ НА ЗАБОРАВОТ“ ОД САШО ДИМОСКИ

Комисијата за доделување на наградата во состав: Весна Мојсова-Чепишевска (претседател), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, го изрази своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда. Пристигнаа 75 стихозбирки, со најразлична трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор за наградата влегоа седум стихозбирки, по што едногласно е донесена одлука наградата „Антево перо“ за 2024 година да ѝ припадне на стихозбирката „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски.
– Доживувањето на стварноста кај индивидуите што имаат изразен сензибилитет условува нивните дела да покажуваат креативност, која, ако се мери на некоја скала на интензитет, тогаш би биле на самиот врв. Постоењето на тие дела во времето и просторот создава сопствена реалност и тие се сместени во духовни музеи во кои вечноста е нивен главен предзнак. Во еден таков музеј, својот живот го живее и поезијата на Сашо Димоски, која токму поради овие квалитети ја понесува наградата „Антево перо“ за 2024 година – вели комисијата.
Поетскиот музеј на Димоски, кој е вечен дом на личниот, интимен заборав, е богатство на мигновеноста, на времето минато, сегашно и идно, на времето што постои и не постои, на љубовта во најесенцијалната суштественост во која се родени, се раѓаат и ќе се родат безброј микрокосмоси (вклучувајќи ги и сите форми на љубовта за татковината, за татковиот збор и ковчег, за клучот и катанецот, за мајчиниот јазик и болка, како далечно ехо на поетската слика на големиот Анте Поповски).
– Оваа поезија, покрај тоа што е слика преоблечена во различни стилови и во нив преовладуваат тонови од целиот спектар на бои, таа има и звуковен карактер чиј интензитет се огледува во одличната употреба на парадоксот, оксиморонот, сложените метафори, но и фигурите, кои припаѓаат на звучниот код. Со помош на зборовите, Димоски ни презентира визуелност во која гледаме како машкиот и женскиот принцип, темнината и светлината, вистината и заборавот страсно танцуваат танго.

Тоа танго некогаш е во духот на аргентинската милонга во која слободата на движењата, незадолжителноста на формата и опуштеноста на рацете и нозете преоѓа во танцовен чекор со различен ритам и брзина правејќи тоа да биде milonga de amor и да има длабоко треперење при самото танцување. Понекогаш танцот е во духот на либертангото, кое ги руши стереотипите и пред нас става нешто ново без притоа да ги заборави традиционалните вредности што од нас ги бара татковината, погледот на мајката или исконскиот оган во домашното огниште – се вели во одлуката.
Поради одличниот квалитет на поетските текстови од збирките што се избрани во потесен избор, оваа година комисијата едногласно одлучи да додели три награди „Антев златник“, што значи, една повеќе од она што, досега, беше пракса. Наградите „Антев златник“ за 2024 година им припаѓаат на Ирена Бабамова Стојчева за збирката „Сивка: Геометрија на болката“, Тони Попов за збирката „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ и на Пепи Стамков за збирката „Собрани остатоци од светот“. В.Д.