Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет, вели Штрпка

Иван Штрпка, добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“

Македонија е држава што знае да ги почитува вистинските вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база, а „малите јазици“ прават вакви значајни дела и потребно е светот да ги слушне и да дознае за нив, истакна добитникот на највисокото признание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ Иван Штрпка.
Добитникот на „Златниот венец“, Иван Штрпка, изрази задоволство што фестивалот го избра токму него за годинашен добитник на најпрестижното признание во интернационални рамки.
– Вие сте држава што знае да ги почитува добрите вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Многу сум среќен што успеавме за краток период да изработиме едно извонредно издание од мојот вкупен поетски опус. Изборот на песни го направив лично. Благодарен сум што покрај македонската, со преводот на англиски јазик, и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор. Ова издание испраќа и една естетска порака во поширокиот свет на културните случувања. Изборот во книгата го сфаќам како знак на лична почит, но и воопшто на словачката модерна поезија.

Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет. Во културна смисла на зборот и во поглед на преминот на границите, словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база. Во словенскиот свет обично зборуваат и за словачкиот и за македонскиот јазик како за „мали јазици“, но тоа е една битна потврда дека бројот на говорници не е преголем, а нашите „мали јазици“ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние немаме потреба да докажуваме дека впрочем во никаква смисла не сме мали – рече Штрпка.
Тој кажа дека од Струга ќе понесе едно прекрасно доживување и една извонредна порака дека вреди светот да го гледаме со очите на поетот. Тој претходно во Паркот на поезијата засади дрвце, до кое стои табла испишана со неговото име.
– Поетското гледање на денешниот свет е речиси неминовно, бидејќи искрено доаѓа од душата. Бев почестен и со садењето дрво во Паркот на поезијата, каде што ги видов дрвјата и на други светски реномирани поетски бардови. Некои од нив ги познавав и лично, беа и мои пријатели. Сфатив дека сум во едно незаменливо друштво. Пресреќен сум што ме удостоивте да се најдам во таков круг на светски поетски имиња. Изразувам надеж дека во блиска иднина во Паркот ќе израсне една голема шума и никој никогаш нема да се осмели да ја пресече благородната шума – додаде Штрпка.
Во Словачка, подвлече тој, многу добро знаат дека Охрид е лулката на словенството и дека оттаму доаѓаат светите браќа Кирил и Методиј и ја носат азбуката во Велика Моравија.
– Благодарни сме што имаме подадена рака и во денешно време од вас. Испраќаме порака за значењето на подадената рака на заедништво во светот. Нашиот дух, духот на словенството што потекнува од овие простори, е овоплотен и во словачката душа. Јас го признавам тоа и почестен сум што ме преведовте на вашиот македонски јазик – рече лауреатот на 64. „Струшки вечери на поезијата“.
До 25 август, на 64-то издание на оваа престижна меѓународна поетска манифестација ќе учествуваат 70 поети од различни делови на светот, кои во духот на традицијата, преку низа поетски читања, ќе изградат мостови на разбирање, емпатија и креативен дијалог. Фокусот на годинашното издание е глаголицата, а фестивалската сценографија ја оживеа и ѝ даде нова димензија, преку современо визуелно обликување. С.Ј.