Во Скопје, Струга и Струмица, со повеќе настани денеска се одбележува Светскиот ден на поезијата. Во рамки на настаните ќе бидат одбележани и 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Кочо Рацин и на 80 години од објавувањето на „Песни“ од Ацо Шопов – првата книга на македонски јазик во слободна Македонија.
Од денеска до 24 март во „Скопје Сити Мол“ ќе се одржи манифестацијата „Денови на поезијата“. Свеченото отворање ќе се одржи веќер во 18 часот во главниот влез на трговскиот центар. Во изведба на актерот Никола Ристановски, публиката ќе чуе дел од поезијата на македонските класици, а беседата на отворањето ќе ја одржи Весна Мојсова-Чепишевска. Поезијата на Шопов ќе се чуе и на повеќе јазици, во превод на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, при што збор ќе земе и деканот, Владимир Мартиновски.
Од следниот ден – 22 март, на различни локации низ трговскиот центар ќе се одржат повеќе настани по повод одбележувањето. Поетски читања во книжарницата „Литература.мк“, проекција на анимирани филмови инспирирани од поезијата во „Синеплекс“, разговори со македонски поети, рецитаторски натпревар за ученици од сите основни и средни училишта од државата и настани посветени на најмладите.
Струшките вечери на поезијата ќе ги прогласат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година
Светскиот ден на поезијата ќе биде одбележан и од Струшките вечери на поезијата. Одбележувањето ќе започне со свеченото прогласување на добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година, кое ќе се одржи денеска со почеток во 11 часот во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје.
По свеченото прогласување ќе следува традиционалното поетско читање на кое ќе настапат истакнати поети – членови на Македонскиот ПЕН Центар, како и други истакнати македонски поети, a од името на Македонскиот ПЕН центар ќе биде прочитано поетското послание.
По повод Светскиот ден на поезијата, годинава ќе биде организирано и поетско читање во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга кое ќе се одржи вечер со почеток во 18ː30 часот. Ќе настапат истакнати македонски поети од Струга, Вевчани, Охрид, Кичево, Прилеп и од Скопје, а ќе бидат прочитани и песни од добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.
Во чест на Светскиот ден на поезијата, во „Јуроп хаус“ – Струга вечер со почеток во 20 часот ќе биде организирано и поетско читање „Пулсот на поезијата“ на кое ќе настапат млади поети од Струга, Охрид, Вевчани, Скопје и Куманово, по што ќе следува музички настап на „Пијан Славеј“.
Оваа година, првпат, со заедничка иницијатива на Струшките вечери на поезијата и Министерството за образование и наука, по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата е објавен конкурс за избор на најдобра песна, наменет за учениците од основните и средните училишта. Целта на конкурсот е поттикнување на креативноста и имагинацијата на учениците и популаризација на поезијата како литературна форма и највисок јазичен израз.
Исто така, за првпат оваа година во сите основни и средни училишта за време на наставата по мајчин јазик ќе се организира и еден специјален час посветен на Светскиот ден на поезијата.
Пред младите ќе бидат презентирани примери од најпознатите светски и домашни поети како и значењето на „Струшките вечери на поезијата“ како еден од најзначајните светски поетски фестивали.
Во Струмица „Роднокрајни поетски средби“
По повод Светскиот ден на поезијата, Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со Европската куќа во Струмица (Europe House Strumica) денеска со почеток во 19 часот го организира 16-то издание на „Роднокрајни поетски средби“.
Станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап.
Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да и понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, да го сторат тоа.
Роднокрајни поетски средби досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од Македонија и странство.
Светскиот ден на поезијата се одбележува на 21 март и бил прогласен од УНЕСКО (Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации) во 1999 година, „со цел да се поддржи јазичната разновидност преку поетско изразување и да се зголеми можноста да се чујат загрозените јазици“.
Негова цел е да го промовира читањето, пишувањето, објавувањето и предавањето поезија низ целиот свет и, како што се вели во оригиналната декларација на УНЕСКО, „да им даде свежо признание и поттик на националните, регионалните и меѓународните поетски движења“.