Драгана Евтимова, поетеса и преведувачка од словенечки на македонски јазик, во октомври престојува на резиденцијален престој во Словенија, во градот Храстник. Резиденцијата ја доделува Друштвото на словенечките книжевни преведувачи во Словенија. На 5 октомври имаше посета во библиотеката „Антон Совре“, а денеска ќе има претставување во Савна Печ и ќе чита делови од преводот на кој работи моментално, книгата „Буба“ од словенечката авторка Андреја Пеклар. Исто така, има свое преставување на словенечко радио.
Антон Совре е словенечки филолог и преведувач што важи за најдобрите словенечки преведувачи на антички грчки дела, а наедно имал природен слух за јазик и превод. По него од 1964 година се доделува најголемата награда за книжевни преведувачи од Друштвото на словенечките книжевни преведувачи, наречена Совретова награда.
Драгана Евтимова (1984) ги има објавено следните книги: „Постоењето на динамиката“ (поезија, 2005), „Јас сум некаде на друго место“, „Фусноти по сеќавање“, „Се гледаме наскоро. Е.“, „Растојанието меѓу две точки“, „Концептот магичен реализам како културолошки феномен“ и „Анонимус“. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија и добитничка на наградата „Антево слово“.