Деновиве од печат излезе поемата: „Се умира ли од премногу сакање?!“ од македонскиот писател Зоран Пејковски, посветена на Петре М. Андреевски. Рецензенти на ова поетско дело се: академик Катица Ќулавкова, Јордан Плевнеш и Владимир Илиевски, а издавач е „ПНВ-Публикации“ од Скопје. Инаку оваа е прва објавена книга во 2024-та година, и шеста поема од вкупно 65 книжевно – драмски, поетски, прозни, научни, публицистички и преведувачки остварувања на Пејковски.
Во својата рецензија, академик Катица Ќулавкова ќе напомене:
– Современиот македонски поет Зоран Пејковски пишува долга поема од 25 пеења со цел да му направи омаж на Петре М. Андреевски. Таа цел е остварена. Пофалбата е испишана како модерна химна. Тоа е тројна пофалба – на Петре М. Андреевски, на неговата имагинарна Дениција, на Македонија и на љубовта и почитта спрема тие три величини и вертикали на македонското поетско творештво – посочува Ќулавкова.
Јордан Плевнеш за поемата: „Се умира ли од премногу сакање?!“, меѓу другото ќе напише:
– Македонскиот современ поет Зоран Пејковски со поемата „Се умира ли од премногу сакање?!“ посветена на 90-годишнината од раѓањето на големиот македонски писател Петре. М Андреевски (1934-2006) докажува дека независно од историските услови во кои е создаван македонскиот идентитет во европскиот лавиринт, македонското писмо и писание се остварува и покрај негациите и политичкиот терор кој и денес е присутен на историската сцена кога ќе се спомене името Македонија. Таа се доживува како „елементарна непогода“ на Балканот кој уште Маркс го нарекува „Магарешки мост на европската дипломатија.Всушност, Пеењата на Зоран Пејковски кон кои се приклучува и неговата најнова поема „Се умира ли од премногу сакање?!“ го иницираат клучното прашање на нашата книжевна меморија: Се гради ли сам по себе Имагинарниот храм наречен Македонски книжевен Пантеон, една невидлива, сега засега, Градба која е како насловот на втората поетска книга на Петре М, Андреевски, „Ни на небо, ни на земја“, која не можат да ја уништат не само пропагандите, туку ни нуклеарните боеви глави зошто таа е неуништива, бидејќи „Уметноста е конечна цел на сите револуции“! – вели Плевнеш во својата рецензија.
Рецензентот Владимир Илиевски за поемата „Се умира ли од премногу сакање?!“, меѓу другото ќе напише:
– Писателот Зоран Пејковски со својот инспиративен творечки континуитет го надополнува корпусот на македонската книжевност со дела кои длабоко продираат во македонската историја и во македонската културна историја. Навидум, како да сака да го започне книжевен разговор со својот книжевен претходник токму во моментот кога тој, претходникот, е млад, кога ги објавува своите први поетски книги. Ова обраќање без дирекно именување само ја потенцира книжевната големина на Андреевски и поетската вештина на Пејковски. Нема потреба некого да именуваш ако неговото дело е длабоко вгнездено во меморијата на читателската публика – пишува Илиевски.
Зоран Пејковски со своите стихови само го допозлатува ореолот околу Дениција. Тој возвишено пее поместувајќи ги реските меѓи помеѓу поимите/ феномените жена, љубов, страст, слобода татковина, Македонија, историја, радост, тага“ – ќе напише Владимир Илиевски.
Инаку, Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје.
Автор е на 22 драмски дела, на 6 сценско-драмски рецитали, на 21 збирки песни, 6 поеми, 1 роман, 1 препев, 4 научно-истражувачки книги од театрологијата, 3 публицистички книги, и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, во 2016 година се стекнува со титулата почесен амбасадор на мирот од институцијата Светски амбасадори на мирот (Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/France). Во 2017 година се стекнува со титулата академик на Чувашката народна академија на науките и уметностите, а во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската унија. Преведен е и препеан на повеќе странски јазици.
М.Т