На малата сцена во Македонскиот народен театар во тек се читачките проби за претставата „Лагата“, работена по текст на современиот и мошне актуелниот француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер, Флоријан Зелер, а во режија на Бесфорт Идризи.
„Лагата“ на Флоријан Зелер е безмилосна комедија која ги анализира лицемерите во општеството. Лавиринт на лаги и измами и непријатни вистини што се случуваат во бракот.
Мишел и Лоранс доаѓаат на вечера, но Алис истото попладне го забележува Мишел како се бакнува со друга жена, притоа е во дилема дали да ѝ каже на пријателката што видела или не. Нејзиниот сопруг Пол верува дека е подобро да се однесуваат како ништо да не се случило. Алис е далеку од сигурна. Со оглед на тоа што нивната сопствена врска се држи под лупа, станува јасно дека некои вистини најдобро е да не се кажат… а границата меѓу вистината и лагата може да биде опасна за преминување.
Во претставата која во нашата земја се поставува за првпат играат: Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска. Сценографијата ја работи Крсте Џидров-Џиби, костимите ќе бидат дизајн на Роза Трајческа-Ристовска, а авторската музика во оваа театарска претстава ја потпишува Игор Василевски-Новоградска.
Премиерата се очекува кон втората половина на мај годинава.