Под мотото „Прекрасното непознато“ Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва ќе го започне своето 44. издание.
Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура -Битола, со проекција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300” на нашиот фестивал во 2018 година за краткиот филм „Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри”.
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.
На вечерашната свеченост на годинешниот лауреат, оскаровецот Питер Бижу ќе му биде врачена наградата Златна камера 300 за животен опус.
Во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот тепих е поставен пред Центарот за култура-Битола. Градот го добива сјајот на филмскиот фестивал во чест на браќата Манаки и е подготвен за вечерашното отворање.