Во Богданци, на 20 август, започнува главната сесија на графичката работилница „Софија“, која по 17-ти пат ги обединува најталентираните млади графичари од Македонија и од регионот. Оваа уникатна меѓународна работилница е единствена од ваков тип во земјава и во регионот и претставува еден од најзначајните културни настани за графичката уметност на Балканот.
Работилницата ќе трае до 27 август, кога ќе биде крунисана со завршна изложба на студентите учесници и ќе биде поставена во домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Оваа година, учесници на работилницата се 15 млади графичари од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и од Македонија, кои ќе творат под менторство на професорката Ива Ќуриќ од Хрватска, со асистенција од Вида Меиќ од Хрватска и Сања Жигиќ од Академијата во Нови Сад. Уметниците ќе имаат можност да работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат и пропустен печат.
Виктор Семенпеев, претседателот на здружението на граѓани графичка работилница „Софија“ – Богданци, кое е организатор на настанот, истакнува дека ова е единственото место каде што студентите имаат можност да работат со сите графички техники, што е огромен придонес за нивното уметничко образование и развој.
Селекцијата на учесници ја вршат академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти, наградени за постигнатиот успех за време на студиите. Графичката работилница „Софија“ не само што ја одржува традицијата на графичкиот израз туку и активно ја промовира графиката како специфичен и мошне моќен уметнички израз. Со фонд од над 900 графички листа во неколку примероци, оваа работилница е вистинско богатство за сите љубители на уметноста.