Со целовечерниот концерт на популарната македонска поп-пејачка Каролина Гочева, во амфитеатарот „Хераклеја“ вечерва официјално стартува годинашнто културно лето „Бит фест 2022“. Во рамките на 14-то издание на „Бит фест 2022“ битолчани и големиот број гости, кои овие летни денови се пристигнати во Битола, во официјалната програма ќе имаат можност да проследат вкупно 40 културни настани, кои беа селектирани од страна на стручното жири од вкупно 166 пристигнати апликации на јавниот повик.
Покрај традиционалните и веќе добро познати фестивали, на годинашниот „Битфест 2022“ ќе бидат прикажани и голем број други квалитетни проекти. За годинашниот „Бит фест 2022“ општина Битола ќе издвои вкупно 4,5 милиони денари, но од програмата за култура ќе бидат издвоени и дополнителни средства за останатите културни настани кои не влегоа во официјалната програма, но кои поради квалитетот ќе бидат прикажани во наредните 64 дена, колку што ќе трае фестивалот.
Годинава ќе се одржат вкупно 10 фестивали, на кои ќе земат учество уметници од 20 земји од светот, а во рамките на „Битфест 2022“ ќе се одржи „Битола Шекспир фестивал“, на кој ќе настапат повеќе театри од Бугарија, Полска, Србија, Албанија, Италија и од Црна Гора.
Во рамките на „Бит фест 2022“ годинава за првпат ќе се одржи и интернацоналниот филмски фестивал „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе заврши на 31 август со концертот на
групата „Меморија“ М.М.