На 30 декември 2025, на 95 годишна возраст, почина проф. д-р Георги Сталев Поповски, македонски преведувач, поет, драмски автор и прозаист.
Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, Мариово, Прилепско. Тој е син на македонскиот писател Стале Попов, авторот на „Крпен живот“.
Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“, а во Друштвото на писателите на Македонија членувал од 1956 година.
Своето прво книжевно дело, романот „Смев на крвта“, Сталев го објавил во 1960 година. Во 1963 година објавува „Преглед на македонската книжевност од 19 век“, а во 1968 година го објавува своето прво поетско дело „Гороломник пред својот крст“.
Познат е и по неговите драми „Болен Дојчин“ и „Ангелина“, а автор е на студиите „Последните сто години македонска книжевност“ и „Едно можно читање на Рациновите „Бели мугри“. Како антологичар ги приредил „Мала антологија на француската поезија“, „Антологија на француската поезија од нејзините почетоци до 20 век“ како и антологијата на руската поезија од 19 век „Мртвите не умреле во нас“.
Во неговото творештво, специфичен е по збирката безглаголни раскази „Рапсодија во сиво“, а последните години ги посвети на пишувањето на хаику поезија, објавувајќи неколку хаику збирки. Творечки активен беше речиси до крајот на својот живот.
Запаметен ќе остане и заради бројните препеви од руски јазик, меѓу кои и „Евгениј Онегин“ на Александар Пушкин. Сепак најзабележан е заради препевот на „Сердарот“ од Григор Прличев.
Во интервјуто за Нова Македонија објавено во 2022 година, раскажа како дошло до препејувањето на „Сердарот“ од грчки на македонски јазик.
– Во декември 1953 година, јас се подготвував за дипломскиот испит. Препрочитувајќи го прозниот превод на „Сердарот“ направен од Крум Тошев мравки ме полазија од возбуда. Го замолив татко ми Стале Попов, кој знаеше грчки, да се обидеме заеднички да направиме препев. Татко ми ме поддржа. Оригиналниот ракопис на грчки знаев дека постои во фиоките со стари книги на тогаш Филозофскиот, а денес Филолошки факултет. Отидов кај мојот професор д-р Харалампие Поленаковиќ, му кажав за идејата и го замолив да ми го даде оригиналниот ракопис. Иако со доза недоверба во мојата идеја, ми го даде материјалот и ме замоли многу да го чувам дадениот единствен примерок од библиотеката. Татко ми од оригиналот од грчки повторно направи прозен превод, јас направив споредба и ги најдов разликите меѓу неговиот и преводот на Крум Тошев и за неполн месец мојот препев беше завршен. Си го носев отчукан на машина во мојата чанта, која мајка ми ми ја купи кога тргнав во прво одделение, а јас со истата таа завршив факултет. На скалите на Филозофскиот факултет ме сретна професорот Блаже Конески и ми кажа дека знае оти работам на препевот. Му кажав дека е готов и му го подадов. Тој прочита неколку строфи и веднаш ме упати кон издателството „Кочо Рацин“, со цел препевот да му го предадам на уредникот Тодор Димитровски, а тој, пак, да го вклучи во збирката посветена на шеесетгодишнината од смртта на Григор Прличев. За рекордно краток период излезе тој препев и веднаш „Сердарот“ на македонски јазик се рецитираше насекаде низ Македонија – рече тогаш Георги Сталев Поповски.
Инаку, за време на неговиот мандат како министер за култура на Македонија, од 1978 до 1982 изградени се центрите за култура во Прилеп, Битола, Штип и во Македонски Брод. Тој е еден од основачите на Институтот за македонска литература.
Георги Сталев Поповски беше погребан на 3 јануари 2026 на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, во присуство на најблиските членови на семејството.
Тој беше последниот жив автор роден во 1930 година. Истата година родени се и Димитар Солев (почина во 2003), Евгенија Шуплинова (почина во 2008), Ката Мисиркова Руменова (почина во 2012) Георги Старделов (почина во 2021), Бистрица Миркуловска (почина во 2024), Симон Дракул (почина во 1999 година) и Цане Андреевски (почина во 2025). Ф.Д.































