Ин мемориам

На 95-годишна возраст почина македонскиот писател Цане Андреевски. Роден е во Кратово во 1930 година, каде што го завршил основното образование. Средното образование го продолжил во Учителската школа во Скопје, а потоа дипломирал на Филозофскиот факултет.
На почетокот од својата професионална кариера работел како млад новинар и бил вклучен во уредувањето детски списанија, како и на весникот „Млад борец“. Сепак, најголемиот дел од неговиот работен век го минал во Радио Скопје, каде што долги години бил уредник на Културната редакција и заменик-директор.
Андреевски ѝ припаѓаше на постарата генерација македонски писатели и беше познат како „поетот на добрината“.
Творештвото за деца на Цане Андреевски зазема видно место во македонската литература. Во него длабокиот хуманизам на суптилен начин добива и воспитно-дидактична димензија. Поезијата и прозата за деца и млади зазема голем дел од неговиот опус и се одликува со нагласена игривост и хумор, како и со почит и разбирање за детскиот поглед на свет. Ненаметливо, со вешто приспособен стил и јазик, Андреевски ги проширува спознајните и емотивните хоризонти на децата и го поттикнува нивното созревање. Автор е на многу радиодрами и телевизиски игри за деца, емитувани на програмите на Македонската радио-телевизија.
Неговата инспирација опфаќаше широк спектар теми, а особено е ценет по неговото творештво за деца. Меѓу неговите најпознати детски книги се поетските збирки „Сончева порака“ (1951), „Што има ново“ (1959), „Планета со петел“ (1976), „Шинато уво“ (1989), како и збирките раскази „Јаготки“ (1955), „Нашите први учители“ (1982), „Дарби“ (1990), „Белата мечка, синиот кит и другите“ (1998) и „Малата голема точка“ (2005).
Во поезијата за возрасни се истакнуваат делата „Добрина“ (1956), „Свечености“ (1964), „Сребрен поток“ (1969) и „Врски“ (1982). Во 2007 година тој беше меѓу првите македонски автори што се впуштија во хаику-поезијата со збирката „Дождот“. Семејството посебно го истакна неговиот придонес преку биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин.

Цане Андреевски е добитник на повеќе значајни признанија, меѓу кои наградата „Кочо Рацин“, награда од РТВ Скопје, признание од „Струшките вечери на поезијата“, како и наградата „Книжевен жезол“ во 2016 година.
Книгата „Разговори со Конески“ на авторот Цане Андреевски, во издание на „Матица македонска“, кои ги водел од 1985 до 1990 година, е едно непроценливо наследство, особено за помладите генерации, но и за сите оние што би скакале да го запознаат Конески одблизу.
Низ 460 страници се собрани разни муабети, го доближува Конески до читателите на прекрасен, искрен, чудесен начин.
Ова е само мал извадок од „Разговори со Конески“:
Умираат ли јазиците?
Конески: За тоа решава историјата. Ние рековме дека јазикот ја дели судбината на народот. Инаку, самиот јазик по себе не содржи клици на умирање. Некои народи исчезнуваат од историската сцена, со тоа и нивните јазици. Некои народи се трансформираат во други народи. Имате ситуации еден јазик да даде почетоци на цела јазична група. Сето тоа се случува во историјата. И се разбира, тука не е во прашање јазикот, ами е во прашање историјата на носителите на тој јазик.
За грижата за јазикот.
Конески: Во секоја средина се полагаат грижи за јазикот. Дури се говори за таканаречена јазична политика. Од зрелоста на средината зависи како ја води политиката воопшто, па и јазичната политика. Без политика не може да се живее, ама таа може да се води и добро, и здраво, и катастрофално. Па, спрема тоа, не е автоматски решено дека јазикот ќе има полза од тоа што некои за него сакаат да пројават грижа. Зависи колку се тие способни таа грижа да ја положат. Мене тој израз „да се брани“ јазикот малку ми е несвојствен. За мене е основно дали еден јазик е средство на една духовна жива активност. Како таков тој нема од што да се брани. А ако тој не е средство што служи за изразување на една таква духовна активност во една средина, пак нема зошто да се брани. Тогаш не е ни способен за функцијата што му била наменета. Средината што сака тој јазик да го активира како средство на современо општење и творење треба да биде способна за тоа. Ако не е способна, тогаш зошто е тој напор?
Последна почит на Андреевски ќе може да му се оддаде денеска (7 јули), во капелата на градските гробишта во Бутел, во периодот од 10 до 10:30 часот.


СЛОБОДА

Не само да те споменувам.
Не само да те придружувам.
Не да те имам како сочен плод
туку како мала семка
од која секој нов ден
нов плод ќе смислува.

Не да сум сенка под твојата сенка,
не да обневидам од твојот сјај,
туку да имам сили, и машкост
да те кренам, да те исправам
пред лицето на друга вистина,
па да зазборуваш со друг јазик
непознат, и за оние
што говорот ти го дадоа.

Не да те леам од бронза
над која времето, ѕвездени заблуди ќе кове
туку да те среќавам, мудрец на распаќа
мудрец што лесно не се препознава.

Не само да те споменувам.
Не само да те придружувам.
Да те имам кога те немам.
Да те бранам и од оние што те бранат.