Плакат

Третото издание на еднодневниот фестивал „Радозен“ ќе се одржи утре (27 септември) во „Кафе станица“ со почеток во 19 часот.
Фестивалот е мултимедијален, па така, централниот настан ќе биде поетско читање, на кое публиката ќе има можност да ги чуе поетите Перица Сарџоски, Биљана Стојановска, Ана Секуловска, Лиле Јовановска, Горазд Кени Китановски, Долорес Атанасова Лори, Мартин Анастасовски, Тихомир Јанчовски и Пепи Стамков. На настанот е предвидено да има и отворен микрофон, што подразбира дека и публиката ќе може да интерпретира свои стихови.
Ќе се одржи слушачка промоција на музиката на „Авелина“, џем-сесија ќе одржат „Волшебенд“, а диџеј-сет ќе има Анастас. Поставена ќе биде и изложбата на Дарко Лековски.
– „Радозен“ е фестивал на прославата на бидувањето човек. „Радозен фест“ е фестивал на радоста и мирот прославувајќи ја креативноста и заедништовото како пиедестален врв на човештвото. „Радозен фест“ се роди како искрена идеја за цртање координати на радоста, слободата и ко-креацијата. Веќе сме на прагот на третото издание, а верувам дека од наредна година фестивалот ќе го преселиме во Преспа и/или Охрид со повеќедневна програма – вели организаторот Горазд Кени Китановски.