Вечер на сцената од матичниот театар, ансамблот на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „По име Господин“ по текст на Филип Лоле во режија на Борис Василески. Станува збор за современа фарса и за потрагата по индивидуалната слобода, да се отфрлат општествените правила и норми кои ги обезвреднуваат нашите животи.
– За жал Господин се занимава со индивидуалната слобода. Велам за жал, бидејќи живееме во едно време на апсолутен индивидуализам. Господин чувствува притисок од капиталистичкиот свет и ги чувствува аномалиите на капитализмот, па тоа им го сугерира на своите блиски пријатели. Но, кога останува сам почнува да доживува една интимна револуција. Текстот е на современиот германски автор Филип Лоле чиј специфичен стил се карактеризира со дијалошки и наративни сцени – вели Василески.
Играат Димитар Ѓорѓиевски (Господин), Даниела Иваноска ( Анета, Мајката), Михајло Миленкоски (Едни, Карл, прв иследник), Дарко Карбески ( Норберт, Хајо) и Наталија Ристеска (Силвија, втор иследник).
– Ликот на Господинот истовремено е и протагонист и антагонист. Исто така добро се обработени и другите ликови, меѓутоа доста таинствени, а тоа е нешто што ја „копка“ публиката. Беше важна енергијата со која ја создававме претставата и постојаната слобода која ја чувствувавме при процесот – рече актерот Димитар Ѓорѓиевски.
Драматургијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е на Ненад Тонкин, за костимите се погрижи Марта Дојчиновска, музиката е на Серафим Чернит, а за дизајнот на светло е задолжен Бобан Смилкоски.
Марија Попова Јованоска, директорка на ЦК „Марко Цепенков“ во чии рамки е театарот, најави уште една премиера до крајот на годинава.
– Ова е втора претстава од вкупно трите што се одобрени и поддржани за реализација од Минсистерството за култура и туризам, што значи дека до крајот на годината ќе имаме уште една премиера. Ова исто така е втора соработка со режисерот Василески. Се надевам дека претставата ќе постигне голем успех – рече директорката Попова Јованоска.
Ка.М.