Прекрасно музичко доживување им приреди „Пијано трио“ на љубителите на класичната музика во Кавадарци со концертот кој синоќа се одржа во домот на културата „Иван Мазов Климе“ со кој започна нивната концертна сезона.
„Пијано трио“ го сочинуваат тројцата познати македонски музичари ,Татјана Петрушевска Караскаковска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски -пијано. Она што го карактеризира триото како состав е истенчен и моќен звук, прецизност во изведбата, индивидуалност и виртуозност на музичарите и секако непосредна интерактивност со која синоќа ја допреа и освоија кавадаречката публика. Како потврда на наградата „Георги Божиков“ која на триото минатата година му ја додели СОКОМ за нивните успешни концерти во земјата и странство со дела од македонски композитори беше и нивната определба концертот да го започнат со композиција од Вања Николовски – Ѓумар „At The moment“ по што следеа извадоци од познати опери и композиции од Ж. Франсе, Жорж Бизе, Волвган Амадеус Моцарт и К. Фридеман.
Тројцата музичари Татијана Петрушевска како прва обоа во орекестарот на НОБ, Марјан Милошевски прв фагот во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ и Петар Макариевски како уметнички соработник при ФДУ се реализирани и потврдени уметници со своите инструменти кои поттикнати од желбата за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, во 2014 година формираа ансамбл сметајќи дека постоење на камерен ансамбл од секаков вид е потребно и полезно за музичарите, од аспект на соработка и изведба на дела кои не се само за соло инструменти туку во соработка со други инструменти. Формацијата на „Пијано трио“ обоа, фагот и пијано овозможува широк спектар на репертоар од различни епохи и композиции кои бараат виртуозност во изведбата и се голем предизвик за изведување. Во репертоарот на триото се наоѓаат дела од Брод, Фридеман, Моцарт, Пуланк,Хендл. Вивалди, Бетовен, Глинка и Рајхенауер а во 2022 година македонските композитори Вања Николовски Ѓумар и Филип Иванов напишаа дела специјално за „Пијано трио“ кои својата премиера ја имаа истата година на Фестивалот на камерна музика во Нови Сад. Досега триото има реализирано забележителни концерти во Скопје, Демир Капија, Куманово, Виница, Крушево, Прилеп, Гевгелија, Берово, Делчево, Кочани, Битола, и Истамбул, Нови Сад, и во својата програма секогаш имаа дела кои премиерно се изведуваат во Македонија што е причина повеќе да не се пропушти да се биде дел од секое нивно музичко доживување.