Промовирана монографијата за 80 години МНТ – јубилејот продолжува со театарски спектакл
- Главната уредничка на монографијата, театрологот и кустос д-р Ивана Јарчевска, посочи дека изданието опфаќа документирачки материјали, историја и лични приказни, спакувани во модерен и елегантен дизајн, потпишан од Зоран Кардула. Таа нагласи дека монографијата истовремено е документарна и интимна, како спој на минатото и сегашноста, традицијата и модерноста
Промовирана монографијата „Македонски народен театар 1945 – 2025 – Приказни поголеми од времето“ по повод 80 години постоење на Македонскиот народен театар. Станува збор за капитално издание, кое низ документи, сведоштва и лични приказни го заокружува осумдеценискиот континуитет на најзначајна театарска институција во земјава.
Главна уредничка на монографијата е Ивана Јарчевска, а автори на текстовите се: д-р Ана Стојаноска, Снежана Коневски-Руси, Загорка Поп-Антоска-Андовска, Бранко Ставрев, Емил Рубен, Игор Џамбазов, Лилјана Мазова, Братислав Димитров, Ѓорѓи Јолевски, Сашко Насев, Никола Ристановски, Дејан Дуковски, Звездана Ангеловска, Весна Петрушевска, Срѓан Јаниќијевиќ, Тања Кочовска, Синиша Евтимов, Искра Ветерова, Бојан Трифуновски, Сашко Коцев, Николина Кујача, Нела Витошевиќ, Сашка Димитровска, Нина Николиќ, Дарја Ризова, Драгана Костадиновска и Борче Начев. Монографијата е издадена со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Обраќајќи се на промоцијата, директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека монографијата не е само книга туку колективен чин и сведоштво за осум децении театарска мисла, љубов и трагање по смислата. Тој истакна дека МНТ отсекогаш бил простор на слободна мисла и дијалог, место каде што локалното и универзалното се среќаваат, а современото и прогресивното не се мода, туку нужност.
– Оваа книга не зборува со еден глас, туку е збир од повеќе солисти – полифонски портрет за МНТ, создаден од истакнати теоретичари, професори, истражувачи, актери и режисери – беше посочено во неговото обраќање, при што изрази благодарност што е дел од живиот континуитет на театарот и ја нагласи обврската, МНТ да остане простор на храброст, истражување и авангарда. Според него, сè додека на сцената стојат уметници со искрена жар и публика што им верува, Македонскиот народен театар ќе продолжи да живее.
Главната уредничка на монографијата, театрологот и кустос д-р Ивана Јарчевска, посочи дека изданието опфаќа документирачки материјали, историја и лични приказни, спакувани во модерен и елегантен дизајн, потпишан од Зоран Кардула. Таа нагласи дека монографијата истовремено е документарна и интимна, како спој на минатото и сегашноста, традицијата и модерноста.
– Монографијата не нуди класични театролошки податоци во форма на бројки, списоци или статистики, туку развој и патување низ МНТ, низ широк дијапазон на емоции и сеќавања – рече Јарчевска, додавајќи дека изданието започнува со текст за историјата на МНТ, по што следуваат 27 текста што ги раскажуваат приказните на луѓето што минувале и минуваат низ театарот – секоја вредна за запишување и помнење – изјави Ивана Јарчевска.
Драматургот Дејан Дуковски проговори за личната и генерациска врзаност со МНТ. Тој потсети дека повеќе од три децении неговиот творечки и животен пат е нераскинливо поврзан со Македонскиот народен театар.
– Приказните ни се вкрстија – од академската сцена директно стапнавме на овие штици што живот значат, ги вкрстивме нашите приказни со тие пред нас и со оние што ќе дојдат по нас – истакна Дуковски, нагласувајќи дека приказната на МНТ е приказна што се живее, се споделува и заедно со театарот – се старее.
За актерот првенец Ѓорѓи Јолевски, привилегија е и чест да се биде дел од МНТ, институција што повеќе од осум децении ги обликува духот и идентитетот на општеството.
– Да се биде актер во МНТ значи постојан дијалог со времето, публиката и со себеси, при што многубројните одиграни улоги стануваат дел од личната актерска меморија и трајно искуство споделено со публиката. Секоја улога беше дел од истото патешествие – патувањето кон вистината, не апстрактна, туку човечка и кревка – изјави Јолевски, додавајќи дека сцената е лабораторија на духот, место каде што мислата се претвора во тело, а телото во мисла.
Промоцијата на монографијата е дел од јубилејната програма по повод 80 години МНТ, која продолжува на 29 декември, кога на големата сцена на Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, во режија на Дејан Пројковски.
С.Ј.

































