На почетокот на манифестацијата „Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“,
која ќе се одржува во Скопје, до 18 октомври, свое обраќање имаше директорката на Институтот за македонски јазик проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, која истакна дека оваа година се одбележуваат 150 години од раѓањето на патронот Крсте Мисирков и 80 години од прогласувањето на македонската држава и на македонскиот јазик како службен, кодифициран јазик во неа.
Таа истакна дека Крсте Мисирков, роден пред 150 години (на 18 ноември 1874, во Постол Ениџе, Варадарско) е еден од најзначајните македонски филолози, славист, прв неформален кодификатор на македонскиот јазик и правопис, историчар, етнограф, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.
– Тој се појавува во вистинско време – во време на самоосознавање на Македонците. Во своето најзначајно дело, книгата „За македонцките работи“, во петтата статија во врска со основата за македонскиот литературен јазик ќе истакне дека ‘околу централното наречје треба да се групираат сите наши научни и литературни сили за да го очистат и да го обогатат со сокровиштата од другите македонски наречја и да создадат од него еден убав литературен јазик – рече Јованова – Грујовска.
Во рамките на „Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, годинава ќе бидат одбележани и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски.
На отворањето на манифестацијата „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“ се обрати и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која истакна дека Македонскиот јазик е наше национално идентитетско обележје што системски ќе го негуваме, заштитуваме, унапредуваме и афирмираме.
Таа нагласи дека Министерството за образование и наука ќе финансира научни проекти и особено внимание ќе обрне на учењето на македонскиот јазик како заеднички јазик на разбирање во земјата.
На манифестацијата се обрати и академик Катица Ќулавкова, која говореше за историјата на македонскиот јазик.