Во галеријата на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје свечено беше отворена изложбата „Наследството на светлината“, посветена наделото на еден од најзначајните македонски уметници и зографи од 19-от век, Дичо Зограф, во организација на Академија Балканика Еуропеана, со поддршка на Министерството за Култура и туризам.

Дичо Зограф (1819–1872) е еден од најплодните и најценетите претставници на македонската зографска традиција. Неговиот творечки опус брои над 2.000 икони и бројни фрескоживописи, присутни во сите земји на Балканот, кои го дефинираат и пренесуваат духовното и културното наследство на Македонија од тој период. Со својот стил,тој претставува мост меѓу традиционалната византиска естетика и современите уметнички влијанија на своето време.

Изложбата претставува внимателен избор нависококвалитетни фотографии од неговите најзначајни икони, кои ја откриваат нивната историја, симболика и значење во културниот контекст.

Овој настан е предиден да претставува иницијален дел од поширок културен проект чија цел е подигнување на свеста за значењето на македонското културно наследство. Во иднина, проектот ќе вклучи работилници и предавања со експерти од областа на уметноста и културното наследство, ќе се развие како патувачки културен настан низ градовите во Македонија, со перспектива за претставување во меѓународни културни центри и создавање дигитална платформа достапна глобално.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на месец септември.