Партиципативната изложба насловена „Кадри на ранливост“ на Наташа Неделкова, Амир Карахасан и на Миле Неделков е отворена во културниот центар „Јадро“. Аудиовизуелната изложба се фокусира на темата ментално здравје и афективни релации во современото информатичко и автоматизирано општество. Повикувајќи се на современите уметнички и теоретски студии на темите: инвалидитет, шизофренија, грижа и ранливост, проектот се занимава со овие рамки на „попреченост“ со цел да даде отпор кон нормативното дискриминирање на различностите.
– Отфрлајќи ги стигматизирачките идеи околу психичките растројства и нивното континуирано маргинализирање, проектот има цел активно да ги исцрта потребите на луѓето што живеат со оваа дијагноза, да ги сподели нивните приказни и да ни помогне да изградиме поинклузивно општество. Психозата е фигурирана во визуелните уметности како состојба на станување друг или другост, како можност за поинакво постоење од она што е на дофат на нашите перцептивни органи. Фокусирајќи се на маргинизираните граѓани што живеат со шизофренија, проектот ја истражува идејата на заедништво и солидарност, која може да произлезе доколку гледаме на оваа состојба како можност за генерирање на нови субјективитети. Ранливоста како трансформативна алатка поставува клучна можност за редефинирање на социјалното. Актуелниот социјален систем базиран на финансиски интереси одбива да прифати дека телото не е само алатка за создавање материјална вредност, туку и место на чувствување и на битисување. Животот со психичките растројства можеби не е толку компатибилен со продуцирање профит, но негово визуализирање би можело да ни помогне да ги прошириме флуидните граници на реалното и имагинарното, преку нивното константно преместување, кое до одредена мера го делиме сите – велат организаторите.
Проектот ги отсликува, односно проблематизира односите на јавните психијатриски институции со општеството, како и на брзото темпо на продукција во неолибералниот капитализам, извор на широко распространетото чувство на анксиозност и депресија.