Синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци беше отворена една несекојдневна самостојна изложба на ликовниот уметник Благојче Петровски под наслов „Поема на атомите“ која е инспирирана од стиховите на една песна од поезијата на познатиот поет и мистик од 13 век Руми. Авторот Благојче Петровски вели дека делата не се целосно врзани за мистицизмот на Руми, туку се интерпретација на неговото лично доживување , визуелно откривајќи ги мистичните предели на горна Месопотамија и Анадолија, како импресија од неговата неодамнешна посета на тие простори. На изложените четириесетина дела авторот културно врзувајќи го ова свое лично искуство и преплетувајќи го со македонскиот бит и традиција и дава на изложбата една покомплексна и повозвишена димензија делејќи ги сликите во повеќе циклуси – Месопотамија, Вода, Изгрев и Излез.
Прецизно лоцирајќи ги духовните извори на сликарството на Петровски, рецензентот на изложбата Владо Ѓоревски ќе напише: Низ сите дела покрај слободните колористички траги- мисловни белешки, присутна е златната површина, не како декорација или фасцинантност. Напротив, таа е најдиректен контрапункт на се подоминантниот „сјај“
на Златното теле. Неговото богато иконописно искуство, го преобразува златниот ореол на светителите во златно послание, слободно нанесено како персискиот пергамент на Руми.
Наспроти се, ова е сликарско послание , како мало островче на светлина, не во темнината на ѕвездените ноќи, туку во се погустиот, леплив тежок мрак. „Танцот на атомите“ е малиот тивок шепот испратен од далечините до нас, за времињата кои доаѓаат: ова не е свет создаден од човечката материјалистичка суета, ова е свет во кој се што е создадено е од љубовта на светлината, само малку треба да се одалечиме од себе , за да го откриеме вистинскиот ореол во себе. Сликарството и поезијата се првиот предвесник на тоа ново, вистинско патување“.
Благојче Петровски е роден во Битола. Сликарски твори последните триесетина години, најмногу во сферата на иконографијата и во сферата на сопствените размислувања и интерпретации на темите, естетиката и импресиите на повеќеслојните состојби во кои постои. Учесник е на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата од периодот од 1997 па се до денес. На кавадаречката јавност и е познат по тоа што беше дел од тајфата која го сликаше прекрасниот фрескоживопис на црквата СВ. Димитрија во Кавадарци – подвлече во своето обраќање директорката на домот на културата во Кавадарци Јулијана Туриманџова.
Интересно е да се напомени дека делата на Болагојче Петровски за прв пат беа изложени на 10 декември во галеријата „Ко-ра“ во Скопје во рамките на заедничкиот настан со оперската пејачка Биљана Бајевска посветен на арии и дуети од операта „Травијата“. До 21 декември делата ќе бидат изложени во Кавадарци а наредната година на 20 јануари предвидена е изложба во родното Битола на авторот. Ми.М.