„Реминисценции“ е насловот на изложбата на мултимедијалниот уметник Страхил Петровски, која е отворена деновиве во „Абстракт проџект галери“ во Париз. Тој се претставува со серија дела работени во изминатата година (слики и дела на хартија работени во комбинирана техника и поставени како просторна инсталација. Според Сандра Деспотовиќ, кустоска и историчарка на уметност, изложбата „Реминисценции“ ја означува најновата ера во креативните дела на Страхил Петровски, ера на големи индустриски хартии (530×83см.) и слики со помали димензии работени во комбинирана техника на платно, кои одново наоѓаат дополнително и подлабоко значење во секој нов простор.
– Три бои, кои не се бои, најчесто користени во античките мозаици, ги красат индустриската хартија и сликите на платно. Преку чистотата на белата боја, црвената тула на исушената крв, ’рѓа и земја, и најтемната црна боја, тие започнуваат ново патување заедно, во бојата на светлината, бојата на земјата, во боите на празнината.

Кога гледаме – кога навистина ги гледаме/перципираме или „слушаме“ делата на Петровски, тие пеат индустриски и/или прогресивен рок. Мелодијата на светлината и празнината, изразена преку трансценденталните звуци на бендови како „Тул“, „Најн инч нејлс“ и „Џој Дејвисон“, открива одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето. Во апстрактни форми, човекот бара признание – фигура, себеси и/или нешто слично на себе … – вели Деспотовиќ.

Таа додава дека делата – индустриските хартии и сликите на платно и видеоинсталациите (во некои негови претходни визуелни остварувања) – на Петровски прикажуваат свест за оваа изгубеност, затоа во фрагментацијата, тој (уметникот) бара ново единство, ако е воопшто можно – по разорната фрактура на дваесеттиот век.
– Преку мултидисциплинарното творештво, Петровски ја изразува таквата фрагментација на реалноста. Во овие наши нови светови, ни недостига „заедничкото“ значење. Во видеоинсталациите во некои негови претходни изложби, кадри од војна, црви, изгорени дрвја, напуштени амбиенти со ќебиња што сега ги користат бездомниците, парадираат… изгубени и заборавени луѓе. Совршени придружници на листовите од хартија и делата во комбинирана техника на Петровски, се овие фрагменти од урбана дистопија, кои ја откриваат неподготвеноста на современиот човек да се справи со современите и вечните проблеми – вели таа.

Изложбата во Париз е само една од меѓународните активности на Петровски во наредниот месец. Од 21 до 26 јуни ќе учествува на Интернационалниот арт-симпозиум во градот Ирбид во Јордан. Тој ќе биде единствен претставник од Македонија, а ќе патува по покана од Министерство за култура на Јордан. В.Д.