Фото: Фотографии музеј-галерија

Уметничките Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска, обединети во уметничката група МОМИ, ги изложија своите дела во заедничката изложба под наслов „Мајкинство“ во Музеј-галеријата во Кавадарци.

Фото: Фотографии музеј-галерија

Изложбата беше отворена во петокот, во рамките на обемната програма сочинета од 50 културни настани по повод 50 години од основањето на музејот, а ја претстави директорот на музеј-галеријата Јаким Зимовски. Значајно е да се напомене дека во програмата се содржани културни случувања од различни области од културата, во кои ќе се презентираат еминентни автори, претставници на современата македонска уметност.

Половина век музеј-галеријата во Кавадарци претставува основен темел на сите позначајни случувања од областа на културата, вклучувајќи ги тука сите музејски дејности, издавањето на голем број историски книги од роднокрајната историја во Тиквешијата и други публикации и монографии, археологијата, собирачката дејност на етнолошки предмети и носии, како и импозантен број на ликовни изложби.

Фото: Фотографии музеј-галерија

За делата содржани во изложбата „Мајкинство“ на отворањето говореше историчарот на уметноста Трајче Цветков. За него, оваа изложба го разгледува пресекот помеѓу уметничкото дејствување и искуството на мајчинството, не како спротивставеност, туку како состојби што се преплетуваат и се преобликуваат. Наместо да се постави јасна граница меѓу личното и креативното, делата покажуваат дека тие често постојат во ист простор – во напнатост, но и во хармонија.

Фото: Фотографии музеј-галерија

Авторките пристапуваат кон темата низ сопствени наративи, каде секојдневието, телесноста и емоционалните состојби стануваат материјал за уметничка артикулација. Мајчинството тука не е дефинирано однапред – тоа се појавува како процес, променлив, понекогаш контрадикторен, но секогаш присутен како дел од идентитетот.

Наместо да нуди конечни заклучоци, изложбата отвора поле за размислување: како се обликува уметничкиот глас во услови на грижа, одговорност и блискост? И дали токму во тие состојби се создава нов, поинтимен и послоевит израз? Наместо спротивставување, овие дела укажуваат на сложената и динамична врска, во која секое лично искуство станува извор на уметничка инспирација.

Станува збор за една многу интересна и несекојдневна изложба која, под заедничкиот именител мајчинството, ги обединува овие уметнички – толку различни во изборот на медиумот за уметничко изразување, а толку слични во емотивното доживување.

Изложбата ќе биде отворена до 17 април. М.М.