Во Центарот за култура во Кичево вечерва за првпат беа претставени дваесетина дела на познатиот уметник Владимир Георгиески од Скопје. За уметничкото творештво на Георгиески зборуваа Јасмина Намичева, кустос-советник во Музеј на град Скопје и Фросина Георгиеска, ќерка на покојниот уметник.
– Многу ми е драго што и во Кичево сме со оваа изложба. Досега мојот покоен татко немаше изложувано во овој град и ова е прво негово претставување. Изложбата ја конципирав така што издвоив слики кои што по своите мотиви и по техниките, во кои се изработени, најдобро го претставуваат неговиот опус. Овие слики се изработени во маслена техника, пастели, акварели и моливи во боја. За жал немавме можност да ги претставиме и скулптурите кои ги изработи мојот татко. Оваа изложба ја сочинуваат 18 слики од голем формат и го опфаќаат периодот на создавање во последните триесет години од неговиот креативен век – истакна Георгиеска.
Предвидено е делата на Георгиески да бидат претставени во повеќе градови низ Македонија.
– Овие дела се само дел од ретроспективната изложба што беше отворена кон крајот на минатата и почетокот на оваа година во главниот град и ќе бидат претставени во повеќе градови од нашата земја. Нашите заложби се и градовите во внатрешноста рамноправно да бидат застапени со сите поголеми изложби со кои досега беше привилегиран единствено главниот град – нагласи Намичева. З.А.