Годинешното „Вевчанско културно лето – Вевкул“,се одржува со мото „Празнуваме 680 години од споменувањето на Вевчани во пишувани историски документ (1342-2022 )“ и опфаќа десетина целини. Најпрво се одржаа три промоции на новоизлезени книги од вевчански автори како романот на Димче Парталоски „Велиново“, посветен на вевчанскиот случај со водата, потоа книгата песни „Татковиот аманет“од Димче Шипинкаровски и збирката песни посветени на мајката „Цвет за цветот“од Сашо Бетоски.
Прва од планинраните три изложби е новоотвотрената изложба на слики од Дафина Шекуткоска, која по потекло е од Вевчани, а живее во Скопје. Уметницата по диплома е професор по физика, но по вокација е ликовен уметник, којшто досега има приредено три изложби во Скопје, а на четвртава изложба отворена во Клубот на пензионери во Вевчани и во рамките на „Вевчанското културно лето – Вевкул 2022“, се претставува со 17 големи платна од нејзиниот најнов творечки период.
Отварајќи ја изложбата поетот Сашо Бетоски нагласи дека симболизмот, односно модерниот ликовен израз на уметничката доаѓа до целосен израз, претставувајќи го нејзиниот внатрешен свет како отворено небо, поточно платно кое со исликувањето, всушност, ја добива својата смисла и постоење, но и траење.
Авторката Дафина Шекуткоска, пак, најави дека наскоро во соработка со ликовната уметница Аница Китаноска, која заврши ликовна академија во Равена Италија, заеднички да реализираат мурал во Вевчани, со универзална порака упатена против сите војни и страдања. За таа цел, веќе се вршат интензивните подготовки за почетокот на создавањето на идното заедничко дело.