Пред полна сала, со огромни аплаузи, се отвори осумнаесеттото издание на интернационалниот фестивал „Танц-фест“, со серијата современи кореографски идентитети и кореографии на тројца млади уметници, Бобан Русески, Раде Обрадовиќ и Јована Зајкова.
Пред многубројната публика, во извонредна атмосфера, со полна енергија, беа изведени кореографиите „Општествена критика“ на Бобан Русески, во која настапија Сара Цветковска, Адријана Данчевска и Јована Зајкова; „Пат до месецот“ со гостите од Нови Сад, Србија, во кореографија на Раде Обрадовиќ; и „Самовили и демони“, во кореографија на Јована Зајкова и Бобан Русески, кои настапија придружени од вокалната уметница Зарина Првасевда. Публиката со одушевување и големи аплаузи ги награди младите уметници.
Во празнична атмосфера, исполнета со огнена енергија, се отвори роденденското издание на танцовиот фестивал, кој секоја година ги поместува границите кај нас и им овозможува пласман на младите уметници.