Академик Нада Поп-Јорданова
Зачувувањето на животот е од суштинско значење, но за човечките суштества само преживувањето честопати е недоволно. А социјалната одвоеност често предизвикува болка како физичка повреда. Најлоша е состојбата кога си сам и во група со луѓе. Ова е само краток вовед во најновата книга на академик Нада Поп-Јорданова, „Алиенација/отуѓување или откорнување“, која неодамна излезе од печат во издание на „Нова Македонија“
Што ве поттикна да се зафатите со разгатнување на чувството на отуѓеност?
– Периодот кога се прогласи светска пандемија и кога се затворија јавните институции, кога им се ограничи слободното движење на луѓето, кога се затворија училиштата, универзитетите и особено културните институции, ми стана јасно дека човештвото влезе во една посебна етапа од својата еволуција, во која токму отуѓувањето станува доминантна психолошка карактеристика. Отуѓувањето е мошне силно чувство на изолираност, осаменост и е одговор на поединецот на предизвиците во личниот живот или на ситуациите во општеството. Отуѓувањето или алиенацијата, спрема латинскиот или медицински назив на состојбата, е многу битна карактеристика на личноста, не е воопшто позитивна ниту просперитетна, туку е деструктивна, па токму затоа се зафатив со нејзино истражување.
Какви истражувања правевте и каков заклучок извлековте?
– Најчести бази на податоци што јас ги користев се ПУБМЕД и ПСИХНЕТ (бази на медицински и психолошки публикации во реномирани светски списанија).
Потоа, со иста цел, користев повеќе популарни и новински написи за оваа тема, се разбира од страна на големите светски агенции. Овој проблем не е нималку нов ниту само сегашен. Всушност, најиздржаната теорија за алиенацијата е поставена од Карл Маркс, кој отуѓувањето го поврзува со индустријализацијата на светот и почетокот на капитализмот. Може некој да го почитува или не овој голем германски филозоф, но секако дека токму тој поставува некои битни основи за социјалните движења и индиректно на психологијата на масите.
Што ја поттикнува состојбата на отуѓеност?
– Отуѓеноста како концепт е многузначен и нема јасни граници. Овој концепт се преклопува со концептите како материјализирање, неавтентичност или аномија. Тој влијае на толкувањето на самиот себе, но и на светот околу нас. Зборот отуѓеност ги опишува односите што не се воспоставуваат заради самите нив (дружење, поддршка, љубов) или со луѓето со кои можеме да се идентификуваме, туку поради добивање некаков сопствен интерес (материјален, бенефиција на статусот, напредување во кариера и сл). Односот помеѓу членовите во семејството, поточно родителството, е особено нарушен кога се јавува отуѓувањето. Ова особено е изразено во семејства што се распаѓаат, поради развод или разделен живот. Тука е најтешкото злосторство што се прави спрема децата.
Колку технологијата прави јаз во отуѓувањето?
– Мислам дека технологијата навистина го достигна својот врв. Се открија технологии за дијагностика, терапија, операции и сл., кои несомнено се немерливи и позитивни. Се создадоа медиуми преку кои е овозможена комуникација меѓу луѓето насекаде во светот. Преку интернетот се д
обиваат практично информации за сѐ што е од наш интерес. Комуникациите преку мобилната телефонија овозможуваат достапност каде било да сме и колку било тоа да е далеку во физичка смисла. Но, ете, ова – комуницирањето е многу поважно. Сите овие алатки што се измислени да бидат од помош, сега влијаат да се смени она основното што е карактеристика на луѓето како специеси (вид) – комуникацијата. Луѓето се социјални битија, нивната специфика е токму во размената на мисли, емоции, зборови, со еден збор комуникација. Ете, тоа се уништи со овие технологии. Младите сега не се дружат лице в лице, не разменуваат чувства, мисли, не дискутираат – тие едноставно си типкаат пораки.
Што е поопасно, отуѓеноста од општеството или отуѓеноста од себе?
– Отуѓеноста секогаш е опасна, кога е насочена кон другите и е резултат од нашиот однос со околината, но уште е поопасна кога е насочена кон самиот себе. Отуѓеноста е малигна состојба и сите треба да се бориме да ја надминеме. Впрочем, моите истражувања на отуѓеноста за време на пандемијата на ковид-19 покажаа какви погубни ефекти на менталното функционирање имаше од затворањето. Колку многу мозочни промени се регистрирани, колку пропаѓања на функционирањето кај постарите луѓе, кои останаа сами и затворени. Но да разјаснам, извесен степен на осаменост е и бил неопходен кога се креира нешто ново, кога се создава музика, кога се слика или кога се прави скулптура… Осамениот, всушност, е продуктивен и креативен. Затоа големите уметници или научници биле опишувани како некакви мали чудаци, токму затоа што осаменоста им била неопходна за да создаваат…
Може ли да се надмине оваа состојба?
– Во конкретната ситуација на пандемија, но и на други општествени случувања, отуѓувањето најчесто е поврзано со ситуации на стресни состојби. Затоа ублажувањето на стресот или справувањето со него е многу битен момент за избегнување или надминување и на отуѓеноста. Денес постојат многу техники и методи за справување со стресот (биофидбек, тренинг на варијабилноста на срцевиот ритам, инфрацрвена спектроскопија, неинвазивна мозочна стимулација и други). Најмногу, сепак, помага интеракцијата со друг човек – терапевт, пријател, роднина. Во моментот кога проблемот ќе се сподели со друг, веќе сме на чекор и до негово решавање. Значи, повторно се враќаме на основното – неопходност од комуникација, споделување, размена на мислења, на емоции. Човекот не е човек ако остане сам, зачаурен во себе и со себе. Мојата порака е: дружете се луѓе, зборувајте, полемизирајте, споделувајте мисли, емоции, интереси. Само така ќе останеме она што сме – луѓе.