Оскар Вајлд, авторот на „Сликата на Доријан Греј“, во една пригода ќе каже: „Театарот го сметам за најголема од сите форми на уметност, најнепосреден начин на кој едно човечко суштество може да го сподели со друго чувството за тоа што е да се биде човек“. Неговата писателска, поточно драматуршка естетика е посветена на тој принцип на „огледало“, каде што ликовите и на ниво на приказна и на ниво на значење, а и на ниво на порака, се огледуваат во своето минато, но и во отелотворувањето на своите желби и надежи. Овде не би ја ставил иднината затоа што Вајлд се занимава пред сè со човекот како социјално битие, а не како политичка причина или последица. Но, како и да е, најважното во оваа сентенца е отворањето на толковните супстанции на „другоста“ во неговото прозно дело и во драмските дела.
„Другост“ беше насловот на последното 13. издание на театарскиот фестивал во Клуж Напока, Романија, поточно фестивалот на Националниот театар, кој понуди различни начини на мислење, но и различни режисерски концепти што ги негува во текот на една сезона. Имено, репертоарот на ова издание говори за огледувањето на човекот во толкувањето на самиот себеси како социјална и политичка индивидуа, но и неговата друга личност во воени и политички трауматски состојби, што е една исклучително интересна тема за размислување, особено во време на модерното војување, кое, за жал, станува начин на живот и модалитет за кој се обидуваме да се залажеме дека е настан на кој скоро му се гледа крајот. Во овој репертоар наоѓаме три нивоа на „другост“, како што се: воената хипокризија, проблематика што ја третираат првите две претстави: „Песни за да го исплашиме стравот“, претстава по текстови на Херта Милер, а во режиски концепт на Ада Милеа, и „Го бомбардиравме Њу Хејвен“, воената драма на Џозеф Хелер, авторот на „Квака 22“ во режија Ласло Бошарди, претстави што ги отвораат горливите прашања на нужноста од воено дејствување и неизбежната превласт; феноменолошката алтернација на човекот, која како тема ја отвораат претставите: „Прошетка по воздухот“ на Ежен Јонеско, во режија на Габор Томпа, „Дванаесеттата ноќ“ на Вилијам Шекспир, во режија на Ботонд Наѓ, „Како господинот Ѓерас се вљуби во Клара Смит“ на Космин Станила, а во режија на Дору Ватавулуи, претстави во кои маскирањето и намислениот двојник се одлуки што го сервираат подвојувањето на човекот како негово „второ јас“ без вертикала и припадност, како и идентитетската другост со која низ различни режисерски концепти се занимаваат претставите: „Божици од втора категорија“, драма на Александра Фелшеги, во режија на младиот режисер Андреј Мажери, „Последната љубов на Цезар“ од Хориа Гарбеа, во режија на Тудор Антофиле, „Кралот елен“ од Карло Гоци, во режија на Тудор Лучану, и „Слугите на убавината“ на Чаглар Јигитогулари, негов драмски текст инспириран од Бхагавдгита и во негова режија, претстави што на различен начин се обидуваат да ги отворат идентитетските прашања на човекот како хомо сапиенс, хомо фабер и хомо луденс.
Другоста е и филозофски, но и уметнички предизвик. Токму затоа и го спомнав Оскар Вајлд, чија парабола за Доријан Греј нѐ наведува да веруваме во оној што сме го намислиле или во оној што ни го намислиле како „другиот“, („Дванаесеттата ноќ“ и „Слугите на убавината“), во оној што ни послужил како другиот за да се промениме самите себеси („Божици од втора категорија“, „Кралот елен“) или можеби да поверуваме во некој „друг“ што никогаш нема да се појави, но секогаш го поставуваме како цел, како идеал или неспокој („Како господинот Ѓерас се вљуби во Клара Смит“, „Прошетка по воздухот“). Овој фестивал зборува и за уште една појава, а тоа е конзистентната политика на овој голем театар во Романија, за ангажманот на театарската куќа што уметноста ја посветува на горливите прашања во општествени, но и во цивилизациски размери, за театар чија посветеност е за секоја почит.
Фестивалот секоја година има и свои настани надвор од репертоарот, како што се разговорите за претставите што се одржуваа секое претпладне во фоајето на самиот театар под наслов „Претстави во дијалог“, каде што токму во тие моменти се одвиваат дебатите за нивните значенски состојки директно со креативниот тим и актерите, под водство на Јон Богдан Лефтер, Марина Константинеску, Стефана Поп Чуршеу, Кристина Модреану и Олтиција Чинтеч, а беа промовирани и театарските книги: „Четири пиеси“ на Александра Фелшеги, „Снежните топки на времето“ на Тамара Константинеску, „Документарни театри“, книга приредена од Ерика Магрис и Беатрис Пикон Валин, во превод на Мирела Патуреау, „Шекспир прераскажан“, серија написи на Хориа Гарбеа, „Чулеи и духот на таткото“ на Анча Хациеган, како и книгата „Таму. После. 35 години во Theatre.ro транзиција“, приредена од Олтиција Чинтеч. Од особена важност во овој сегмент беше промоцијата на антологијата на „Новата романска драма“, која ја приреди Оана Кристеа Григореску, во превод на македонски јазик на Ермис Лафазановски и во издание на „Перун артис“ од Битола, книга што ја промовираа Оана Кристеа Григореску, Александра Фелшеги, Космин Станила и мојата маленкост. Секако, овде мораме да ја споменеме и изложбата што секоја година во големото фоаје на театарот ја поставува оваа театарска куќа, овој пат озаглавена како „Театарското алтер его“.
Националниот театар на Клуж Напока својот репертоар го базира најмногу врз актерската енергија, која е секогаш огромна и фасцинантна, и врз режисерските концепти, кои се секогаш инспиративни. Космин Станила, Санцијана Тарца, Раду Догару, Јонуц Карас, Матеи Ротару, Михаи Флоријан Ничу и други се актерски сензибилитети чии креации воодушевуваат и ѝ ги испраќаат на публиката есенцијалните пораки, овој пат за „другоста“, чиј толковен универзум е неверојатно голем. Нам ни останува да го подредиме мозаикот на впечатоци и да се вратиме на своите толкувања затоа што нашиот Доријан Греј не е секогаш ист: тој е некогаш Беренже, некогаш Виола, а некогаш оној непознатиот што совршено личи на нас.
Сашо Огненовски