Црно-бел свет, прва изложба на меѓународниот уметнички колектив Инвиктус
Деновиве во просториите на Ликовниот салон на Друштвото на ликовни уметници од Битола беше отворена првата изложба насловена на интернационалната уметничка група Инвиктус (Invictus art collective), насловена „Црно-бел свет“.
Групата Инвиктус е составена од пет мултимедијални ликовни уметници, двајца членови на ДЛУБ, Вангел Крстиновски и Филип Јовески од Македонија и Ивана Кнежевиќ, Љубиша Пенев и Даница Веселиновиќ од Србија. Групата е формирана минатата година по заедничкото учество на членовите на интернационалната ликовната колонија „Босилеград во боја” која се одржува во Босилеград, Србија.

Визијата на овој уметнички колектив е интернационалната соработка, заедништвото и создавањето на реални и имагинарни природни и урбани наративи. Оваа визија даде концептуален зародиш на идејата за изложбата насловена „Црно- бел свет“, изложба која ги обединува во својот израз различните техники и пристапи во процесот на креација на петте членови.
Според уметникот Филип Јовески, еден од учесниците на изложбата, идејата за остварување на оваа изложба се родила во една уметничка галерија во Ќустендил, Бугарија, а желбата за заедничка соработка била поттик за формирање на уметничката група Инвиктус.
– Името на колективот Инвиктус доаѓа од латинскиот збор Invictus и означува личност која покажува отпорност и сила во услови на различни неповолности, која ја слави внатрешната сила и му пркоси на „страдањето” наметнато од разните општествени услови во светски рамки, и тоа во сите сфери на постоењето. Ваквиот тип на меѓународно вмрежување е клучно за нас уметниците, бидејќи нè поттикнува да се приклучуваме кон нови проекти и соработки, ни обезбедува пристап до разни можности за промоција надвор од нашата земја и создава заедница на уметници кои имаат можност меѓусебно да разменуваат идеи, искуства и вештини. Промоцијата пред нова публика и пазари надвор од границите на нашето „вообичаено”, води кон постојан уметнички развој, но и кон забрзан подем на нашите кариери- вели уметникот Филип Јовески.

Делата се изработени во техниките акрил, акварел, туш и дрвени бои на хартија, а секој од членовите ќе се претстави со по десет уметнички дела. Изложбата, за посетителите ќе биде отворена до наредниот вторник.