Настан по повод чествувањето 90 години од раѓањето на македонскиот писател Петре М. Андреевски ќе се одржи утре во неговото родно село и вечното почивалиште – селото Слоештица, Демир Хисар. Настанот ќе почне во 13 часот, а е во организација на Македонското научно друштво – Битола, во соработка со Педагошки факултет – Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Студентското собрание при УКЛО и „Арт поинт Гумно“ – с. Слоештица и „Јуроп хаус“ – Битола.
Покрај посета и оддавање почит на гробот на Петре во с. Слоештица, предвидени се реализација на културна манифестација, која вклучува литературно читање на дел од поезијата на Петре М. Андреевски, и квиз со едукативен карактер, поврзан со ликот и делото на Петре М. Андреевски. Литературното читање и квизот ги подготвија студенти од Педагошки факултет – Битола, кои ќе се реализираат во реновираниот Задружен дом во с. Слоештица. Настанот ќе заврши во „Арт поинт Гумно“, со свечено откривање скулптура инспирирана од прочуената „Дениција“ на Андреевски, а изработена од познатиот македонски уметник Никола Пијанманов.
На настанот свое присуство и обраќање најави и амбасадорот Дејвид Гир од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Во Скопје, пак, во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски е најавена промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“. Промоцијата ќе се одржи утре, во 12 часот, во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Промотори на книгата, која е во издание на „Арс ламина“, ќе бидат Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска.
Изданието, кое е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата и илустрациите на страниците се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, кој е син на Петре М. Андреевски.
Автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ се еминентни македонски автори: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.
Петре М. Андреевски (1934-2006) беше македонски поет, романсиер, раскажувач, драмски автор. Пишуваше стихови, раскази, романи, драми и филмски сценарија. Романот „Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.
Роден е на 25 јуни 1934 година во селото Слоештица, Демир Хисар. Основно образование завршил во родното село, а гимназија во Битола. По завршувањето на средното образование студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата југословенска книжевност. По завршувањето на студиите Андреевски работел во Македонската телевизија. Долги години работел како уредник во МРТВ, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Од 1964 година бил член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а од 1983 година и претседател на друштвото. Андреевски бил член и на Македонскиот ПЕН-центар. Петре М. Андреевски од мај 2000 година е член и на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Своето место во МАНУ тој го заслужи со своето творештво, кое е разновидно и опфаќа романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Во текот на неговиот живот и постхумно објавени се стихозбирките: „Јазли“ (1960), „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1975), „Вечна куќа“ (1987), „Лакримариј“ (1999); потоа книгите со раскази: „Седмиот ден“ (1964), „Неверни години“ (1974), „Сите лица на смртта“ (1994), „Боеми“ (постхумно); како и романите: „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997), „Тунел“ (2003), „Бежанци“ (постхумно). Исто така ја објавува книгата драми (1984), во која влегуваат: „Време за пеење“ и „Богунемили“, потоа есејот „Сегашно минато време“ (2006), а има објавено и две збирки стихови за деца („Шарам барам“ и „Касни порасни“). В.Д.